Надвор е студено, но тоа не ги спречува учениците од средното училиште во единаесетиот париски Арондисман да се буткаат на школската врата, нестрпливо чекајќи да излезат и да запалат цигара. Оние што пораниле веќе го фрлаат догорчето и се враќаат на топло.
Технички, пушењето во училиштето е забрането. Тоа никогаш не е пречка за желни тинејџери, додуша и овие парискиве мораа да се кријат во мали групи во некои скриени катчиња на училиштето. Барем така беше до денот на терористичките напади во Париз, кога беа убиени 130 луѓе.
„Дозволено ни е да пушиме овде веќе неколку недели“, објаснува 18-годишната Ана, која е четврта година и пуши од 2-3 цигари дневно (така вика). Таа смета дека е добар потег што сега на учениците им е дозволено да запалат цигара на местата во училиштето каде пушењето е „дозволено“. „Порано се собиравме во мали групи и се туткавме едни до други и така пушевме. Така бевме идеална мета“, објаснува ученичката.
Тоа што како и многу други училишта во Париз, и ова ги смени правилата и стана потолерантно кон пушењето, мора да е еден од најчудните споредни ефекти од нападите.
Лукас, врсник на Ана, во целост се согласува со неа. „Побезбедно е вака. По нападите, безбедноста стана многу важна. А ние пушиме во обележаните места на училиштето, така што не им сметаме на оние што не пушат“.
Овие мерки не се баш по теркот на правилата што француската влада ги воведе во 1991-та, кога забрани пушење на јавните простори, меѓу кои и училиштата. Но, ден по нападите на 13 ноември, француската влада испрати соопштение до директорите на училиштата, во кое беа претставени нови мерки за безбедност. Како дел од тие мерки, владата ги советуваше директорите да одредат делови од дворовите во кои ќе може да се пуши, со цел да се спречат учениците да ја напуштаат територијата на училиштето за време на одморите. На прашањето до властите дали им е дозволено да го заобиколат законот од 1991-та, директорите добија негативен одговор…
Официјални лица на министерството за образование истакнуваат дека владее голем страв кај родителите, учениците и професорите. За да се спречат учениците да се собираат во групи пред училиштата, некои директори им дозволуваат да пушат на одредени места во училиштето, но тоа зависи пред сé од условите на секое училиште. Според нив, иако министерството ги толерира новите правила во врска со пушењето, „не отстапува од борбата против зависноста од пушење“. Правилата се матни како што звучат.
Доктор Ален Ригод, претседател на Националното здружение за спречување на зависности, смета дека со новите мерки, „пушењето освојува нови територии“. „Ако ги повикате пушачите да се вратат во училишните дворови, тоа веројатно ќе влијае на зголемување на бројот на пушачите меѓу средношколците“.
„Пушењето е една од најголемите здравствени казни – го убива секој втор долгогодишен пушач. Во наредните 30 години, околу 125 илјади ученици кои сега учат во средните училишта во Франција во кои е дозволено пушење (има околу 30 такви, и тоа само во еден дел на Франција), можат да умрат од пушење. Тоа се многу повеќе мртви во споредба со терористичките напади“, вели Ригод.
Обезбедувањето е засилено во француските училишта. Исламска Држава неодамна ги охрабри своите симпатизери да убиваат професори во Франција, зашто биле „изопачени“. Неколку средни училишта во и околу Париз беа евакуирани во последните неколку недели, заради лажни дојави за поставени бомби (ех, така беше и во Чаир, Бутел и Топанско, во 2001-ва).
Филип Турние, директор на една од школите, смета дека пушењето на училишна територија е „неизбежно“. „Морате да запомните дека во многу школи во Франција, некаде околу 10:30, огромен број ученици ја напуштаат територијата на училиштето за да можат да пушат. Така стануваат лесни мети. …Не можеме да им забраниме да пушат, ако тоа го сакаат, ќе излезат вон школото и ќе запалат цигара“.