Нефи Усеини и брат му се во притвор, сами се пријавиле во затворот во Охрид

Советникот на Општина Охрид – Нефи Усеини, и неговиот брат Ибро Усеини, кои шест дена беа барани од полицијата, од денеска претпладне се приведени и спроведени во 8-дневен притвор во затворот во Охрид, кои судот им го одреди за нападот врз охриѓанецот Спире Топалоски, објавија медиумите.

Како што потврдиле и од СВР Охрид и од затворот во Охрид за „Телма“, Усеини и брат му сами дошле во затворот и веќе се сместени во притворското одделени по решение на судот. Досега од нив двајцата не е земена изјава за инцидентот.

СВР Охрид, по прегледување на снимките од надзорните камери и разговори со очевидци, на браќата Усеини им поднесе кривични пријави затоа што го тепале Топалоски со пиштол, за кривично дело „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“. Откако беа извршени претреси во нивните домови и пријавените не беа пронајдени, судот изрече мерка притвор по сите три основи: можност за повторување на делото, влијание на сведоци и бегство.

Во меѓувреме, Нефи Усеини, во изјава за „Сител“, тврдеше дека немало пиштол, туку „само два-три шамари“. Топалоски, пак, набрзо потоа, преку својот адвокат, целосно го промени исказот и тврдеше дека пиштолот „му се причинил“.

Вчера, пак, во Битола никна нова фирма чиј управител е Нефи Усеини.

 

- Реклама -