Топалоски ја смени изјавата за нападот од Нефи Усеини: Немаше пиштол, од ударот добив погрешен впечаток

Советникот на ДУИ во општина Охрид, Нефи Усеини, и неговиот брат се товарат за насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски. Судот им одреди мерка притвор од 8 дена, додека полицијата сè уште трага по нив.

Пријавувачот на инцидентот, пак, сега излезе со спротивна изјава адвокатот на охриѓанецот Спирко Топалоски,вчера испратил писмен допис во кој пренесува изјава од Топалоски за немилиот настан, но, со поинаква содржина од она што неговиот клиент првично го пријавил и според кое постапува полицијата. Во неговата изјава се вели:

Охриѓанецот Спире Топалоски, кој ги пријави Нефи Усеини и неговиот брат за напад со удари од пиштол, ја смени приказната со сосема нова, спротивна од претходната верзија. Топалоски, кој првично тврдеше дека советникот во Општина Охрид извадил пиштол и го вперил и во неговиот 14-годишен син, како и дека се бореле за пиштолот, но дека не успеал да му го одземе, по што почнале да го удираат со оружјето, сега во писмен допис преку неговиот адвокат тврди дека немало пиштол:

„Јас, Спирко Топалоски, сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве излегоа во јавноста, надвор од контекст и надвор од сè што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини односно од структури за мене непознати, со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство, се направи филм. Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен, добив погрешен впечаток за сè. Да бидам искрен, оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. Сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“.

Претходно, пак, МВР соопшти дека по разгледувањето на снимките од надзорните камери од хотелот каде се случил инцидентот, констатирано е дека Топалоски бил удиран со пиштол. И во кривичната пријава за Нефи Усеини стои дека се товарат за „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“. Во меѓувреме, на Нефи и неговиот брат судот им одреди 8-дневен притвор по сите три основи: можност за повторување на делото, влијание врз сведоци и бегство.

Четири дена по инцидентот, полицијата сè уште трага по нив. Досега нема распишано домашна или меѓународна потерница за браќата Усеини, бидејќи сѐ уште нема таква наредба од судот, велат од МВР.

 

- Реклама -