Нефи Усеини претепал граѓанин со кундак од пиштол кој претходно го вперил во неговиот 14-годишен син

Озлогласениот советник во Општина Охрид од редовите на ДУИ – Нефи Усеини, познат по дивоградбите но и по низа насилни и вербални инциденти, нападнал сограѓанин во  охридскиот хотел „Јуник“. Случајот е пријавен во полиција, објави „А1он“.

„Во СВР Охрид, С.Т. (41) од Охрид, пријавил дека пред угостителски објект бил физички нападнат од Н.У. (45) од Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат кратко од МВР.

Според нападнатиот Спире Топалоски, инцидентот се случил утрово, кога по претходна расправија со сограѓанин (Зоре Темелковски) до чиј плац изградил куќа – кој го „пријавил“ кај Нефи Усеини, советникот на Општина Охрид го повикал „на муабет“ во хотелот.

Како што раскажува Топалоски за „А1он“, при вербалната расправија, Усеини извадил пиштол и истиот го вперувал кон нозете на неговиот 14-годишен син. Во еден момент му паднал, па Топалоски се обидел да му го одземе, но почнале да го удираат четири други лица од придружбата на Усеини.

Според Топалоски, во моментов Усеини прави притисоци врз хотелот со цел полицијата да не ги добие снимките од камерите за видео надзор, на кои е снимен инцидентот. Нападниот, меѓутоа, вели дека е подготвен случајот „да го тера до крај“, дури и по цена ако еден од нив (тој или Усеини) треба да умpe:

„ … И затоа решив да проговорам. Не може во сите случки Нефи да е прав. Сега сум решен, или ќе ме убие или ќе го убијам. На дете 14-годишно, на син ми, пиштол му извади. Жена ми плаче, мајка ми плаче. Око за око, заб за заб. Или државава да преземе нешто за овие што го пустошат цел град или ќе одам до крај за тоа што на детето мое му извади пиштол. Еден кримиалец не може да тероризира секого и секогаш тој да е во право. Цел сум со дупки“, вели Топалоски (целото сведоштво ТУКА).

Зоре Темелковски, пак, со кого Топалоски имал проблем и кој наводно го пријавил кај Нефи Усеини, е спортски работник и татко на актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода – Филип Темелковски.

Интересно, во периодот во кој се случил инцидентот, тој пиел кафе во хотелот, пренесува порталот „Охрид1“. Меѓутоа, тој тврди дека само нешто начул за настанот:

„Не сум бил сведок. Јас кога го палев џипот, застана еден џип. Јас си заминав. Ми се јавија другари од каде што пиеме секој ден кафе и ми рекоа дека нешто се испокарале, ама не знам што“, вели Темелковски.

Усеини, како што рековме, зад себе има богато резиме со насилни инциденти и кривични дела за кои не одлежал затворски казни. За нив се зборува и во серијалот истражувачки прилози насловен „Локални шерифи“, во кој во март годинава ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија) првата епизода му ја посвети токму на Нефи Усеини.

- Реклама -