„Не ти е срам да се пишиш Бугарин!“ – му рекле напаѓачите на Пендиков пред да го претепаат, според Обвинителството

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил предлог за определување мерка притвор за 24-годишен охриѓанец, осомничен за кривично дело тешка телесна повреда нанесена врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, соопшти обвинителството.

Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот донесе Основното јавно обвинителство Охрид.

„На 19 јануари, во кафе-бар во Охрид, осомничениот пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите ‘не ти е срам да се пишиш Бугарин’ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе-барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот“, соопшти државното Јавно обвинителство.

Полицијата денеска приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.

Полицијата денеска приведе тројца охриѓани – С.К., С.К. и И.С., осомничени дека синоќа физички го нападнале Пендиков во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.

Прочитајте и:  Кривична пријава против 25 вработени во МВР за несовесно работење во службата

Од друга страна, МИА, повикувајќи се на извори во истрагата, објави дека против Пендиков во декември полицијата поднела кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, откако во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин.

Според дел од медиумите, тепачите ѝ се добро познати на полицијата и тие се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир во повеќе наврати, и за нив има досиеја. И вчерашниот напад, според пишувањата, бил поради меѓусебни недоразбирања кои, според полицијата, не биле од сега.

Софија, меѓутоа, веќе е километри напред со наративот дека Пендиков бил претепан само зашто е Бугарин. Случајот го подигна дури на владино ниво, испраќајќи владин авион „Фалкон“ да го „евакуира“ Пендиков и да го однесе на лекување во Софија. Како што јави БГНЕС, околу 18.30 часот авионот слетал на софискиот аеродром, а Пендиков, со амбулантно возило, бил транспортиран во Воената медицинска академија. Според медиумот, 23-годишниот генерален секретар на клубот „Цар Борис Трети“ има скршени пршлени, ребра и скршена вилица.

- Реклама -