Грчки дипломатски извори го потврдија она што „Катимерини“ го објави половина час по почетокот на Европското првенство во фудбал; дека министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендиас, испратил писмо до неговиот колега Бујар Османи, поради логото на ФФМ на дресот на македонскиот репрезентативен дрес.
Но, како што јавува дописничката на МИА од Атина, во писмото не се проблематизира само „ФФМ“, туку и кодот „МКД“.
„Иако во Договорот, како што е предвидено во член 1, параграф 3, точка е, кодот за името Северна Македонија во Меѓународната организација на стандардизација (ИСО), останува ‘МКД’, „употребата на конкретниот акроним на ЕУРО 2020 не може да биде прифатен од Грција“, се вели во писмото, брифираат дипломатите.
Според нив, (иако таква обврска нема во договорот) „Северна Македонија мора, во рамките на меѓународната практика на целосното имплементирање на договорот, како и обидите за одржување на позитивна динамика во билатералните односи, да користи акроним што одговара на нејзиното име, како што е ‘NM’ (North Macedonia) или алтернативно ‘RNM’ (Republic of North Macedonia)“, пренесува МИА, според чии извори Дендиас побарал од Османи, во рамки на добрососедските односи, да интервенира за решавање на овие прашања, вклучително и околу промената на името на Фудбалската федерација на Македонија.