Грција, која не е дел од Европското првенство во фудбал, на само неколку часа пред почетокот на историското за нас натпреварување, упатила жалба до УЕФА за македонскиот дрес, објави „Катимерини“.
За Грците и министерот за спорт – Лефтерис Авгенакис, спорно е логото на ФФМ на македонските дресови, затоа што „ФФМ“ е кратенка од „Фудбалска федерација на Македонија“, што според нив е спротивно на Преспанскиот договор. Во жалбата до претседателот на УЕФА – Александер Чеферин, се наведува дека на логото може да стои кратенката „СМ“ (Северна Македонија) или „РСМ“ (Република Северна Македонија), но не и „ФФМ“.
Слично жалбено писмо испратил и грчкиот министер за надворешни работи – Никос Дендиас до неговиот македонски колега Бујар Османи, пренесува весникот.