Сланутoк, цеци, леблебија, солен грав – ова се имиња за една иста билка, мешунка богата со белковини. Потсетува на соја и има свтлокафена боја. Начините на подготвување се многубројни: може да се користи како вариво, како лебно брашно кога е сомелен, или да се пропржи.
Секако, тука нема да застанете. Наутот е одличен додаток за во супа, а доколку го сомелете во блендер, го зачините и му додадете малку маслиново масло ете ви одличен мастраф за на леб. Во историските записи, наутот влегол порано од многу светски држави. Првите записи за оваа билка се стари тринаесет века и тие сведочат за нејзина широка употреба на просторите на денешна Турција. Од Анадолија наутот е пренесен на Блискиот исток и во Северна Африка, а на Кавказ наутот имал особена чест да биде овековечен во насловот на едно прочуено дело.Имено, ерменскиот композитор Тигран Чухаџјан 1875 година ја напишал операта “Продавач на леблебии”.
Корен пуштил и на Балканот, каде најмногу се одгледува кај нас во Македонија и во Далмација. Што се однесува до биохемискиот состав, наутот не се разликува од останатите мешунки: содржи до 23 проценти белковини, 58 проценти јаглехидрати и околу 5 проценти растително масло. Според количество на железо што во себе го содржи, наутот го победува месото дури и кога е варен. Богат е со калциум, со магнезиум и со бакар. Стотина грама наут содржи околу 360 калории.