115
Иако малиот мозок (лат. cerebellum) сочинува само 10 проценти од вкупната маса на мозокот, повеќе од три четвртини од мозочните неврони се спакувани во него. Лоциран во основата на черепот, се смета дека овој регион игра важна улога во координирањето на моторните функции – како што се рамнотежата и контролата на движењето. Сепак, новото истражување ја поддржува хипотезата дека овој дел од мозокот е вклучен и во некои когнитивни функции, односно дека игра клучна улога во учењето.
„Долго време претпоставувавме дека главната функција на малиот мозок е да го контролира движењето. Меѓутоа, сега знаеме дека има делови од малиот мозок кои се поврзани и изгледаат како да еволуирале заедно со областите на малиот мозок кои се одговорни за размислување“, вели невробиологот Андреа Бостан од Универзитетот во Питсбург во САД.
Научниците тренирале мајмуни да ја движат левата или десната рака во зависност од сликата на екранот; при што биле наградени со сок доколку го направат вистинскиот потег. Но, кога експертите им давале лекови кои привремено го оневозможуваат задниот дел на малиот мозок, нивната способност за учење била значително намалена.
И покрај сокот како награда, животните имаа проблем да се сетат со која рака да се движат кога ќе видат одредена слика. Тоа не се случило доколку научиле одредено движење пред да го земат лекот. „Кога ќе го деактивирате овој церебеларен регион, го попречувате процесот на стекнување на нови знаења. Процесот на учење е многу побавен, а крајниот резултат не е на исто ниво“, вели Бостан, а пренесува Science Alert.
Понатамошните тестови покажаа дека лековите не влијаеле на изведбата на самото движење и дека „исклучувањето“ на другите делови од малиот мозок не влијаело на процесот на учење.