НАТО размислува за долгорочно воено позиционирање во Источна Европа

НАТО размислува за долгорочно воено позиционирање во Источна Европа за да ја зајакне својата одбрана, соопшти генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг.

„Размислуваме долгорочно да ја прилагодиме нашата позиција, присуство, во источниот дел на Алијансата. За тоа не е донесена официјална одлука, но сега се одвива процес во рамките на НАТО“, изјави Столтенберг во Брисел.

Шефот на Воениот комитет на Алијансата (највисокото стратешко тело) – адмирал Роб Бауер, пак, денеска истакна дека НАТО ја разгледува можноста за натамошно распоредување на сојузничките сили и зголемено воено присуство во балтичките земји и Полска, во случај Русија да ги задржи своите трупи во Белорусија по планираната воена вежба.

„Размислуваме каде постојано имаме војници во различни нации – разговараме за ова, што резултира со актуелните потези. Може да има некои промени во иднина, а тие ќе бидат резултат на овој развој. Сè во голема мера зависи, се разбира, од тоа дали руските трупи, кои сега се во Белорусија, ќе останат таму“, изјави тој, пренесува ДПА.

Поради заедничките воени вежби, Русија во моментов има распоредено 30.000 војници во Белорусија (северниот сосед на Украина), со што вкупниот број на руски војници на границите на Украина е над 100.000. Според некои американски медиуми, Русија веќе има распоредено околу 70% од силите потребни за инвазија која би резултирала со преземање на главниот град на Украина – Киев.

Москва соопшти дека не планира инвазија на Украина, но може да преземе одредена воена акција доколку нејзините безбедносни барања не бидат исполнети.

„Ако обрнете внимание на трупањето на воените сили, Русија всушност би можела да има доволно војници за сериозна инвазија до крајот на овој месец, но не знаеме дали тие имаат вистинска намера да го сторат тоа. Како дел од последното распоредување на воени сили на границата со Белорусија, гледаме и изградба на полски болници, како и други помошни објекти потребни за поддршка во случај на воен напад. Ако навистина размислувате за инвазија, всушност ви треба повеќе од воени сили. А ние гледаме сѐ повеќе такви работи долж границите со Украина и на границата меѓу Белорусија и Украина, што само по себе е многу загрижувачко“, оцени Бауер, заклучувајќи дека на мобилизацијата на руските сили во Белорусија треба да се гледа како „комбинација на можности“ од воена гледна точка.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

Во однос на потенцијален напад од страна на Русија на Балтикот, Бауер изјави дека не гледа никакви знаци што би алудирале на тоа.

„Засега не гледаме никаква намера: не очекуваме никаков напад од Русија на територијата на НАТО – директно или преку Белорусија“, рече адмиралот, кој беше во посета на Литванија, пренесува ДПА.

Началникот на армијата на Литванија – Валдемарас Рупсис, се согласи со оценката на Бауер, надоврзувајќи се дека во моментов тој не гледа никаква директна закана, било тактичка или оперативна. Имајќи предвид дека трупите на НАТО се стационирани во Литванија, би било и „неодговорно“ и „глупаво“ Русија да ѝ се заканува на оваа земја, оцени тој.

НАТО ги зголеми силите во своето источно крило откако Русија го анектираше Крим во 2014 година. Околу половина од 1.200 војници стационирани во Литванија се од германскиот Бундесвер, а Берлин не ја отфрли можноста да испрати повеќе војници. На прашањето дали таквото засилување ќе биде испратено по билатерален договор или преку НАТО, Бауер рече дека двете опции не се исклучуваат една со друга.

„Ако сакате брза одлука, таа најверојатно ќе биде билатерална, бидејќи не бара согласност од сите сојузници“, појасни холандскиот адмирал.

Минатата недела САД испратија 3.000 војници во Романија и Полска минатата недела, а денеска и Германија и Велика Британија најавија испраќање нови војници. Како што соопшти германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт, Германија ќе испрати дополнителни 350 војници во Литванија, а како што соопшти британскиот министер за одбрана Бен Валас, Велика Британија ќе испрати дополнителни 350 војници во Полска.

Како што рече Ламбрехт, со овој потег Германија го зајакнува својот придонес во источното крило на НАТО и испраќа јасен сигнал до своите сојузници за нејзината решителност, со порака дека тие можат да сметаат на Германија.

Извор: МИА

- Реклама -