Нашата желба и визија како две влади е да ја растуриме маглата од минатото и да гледаме јасно во иднината, порача Мицкоски од Приштина

Сите политичари од минатото, коишто се темни сенки бидејќи не можете да ги слушнете како зборуваат за предлози и реформи, единствената карта на која што ја темелеа својата децениска политичка кариера беше криминал и корупција и етнички конфликти. Ние велиме сега ќе ја растуриме таа магла и ќе гледаме јасно во иднината. Ќе гледаме јасно во процесот на реформи, реструктуирање на нашите држави, борба против криминалот и корупцијата и тоа е нашата желба и тоа е нашата визија како две влади и така ќе продолжиме и во иднина да функционираме, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на зедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти.

Прашан за одлуките на Уставниот суд и зошто токму кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт се актуелизираат, Мицкоски рече дека од првиот до последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ и ДУИ.

-Судиите коишто во моментот се дел од Уставниот суд, се судии коишто без исклучок се избрани од мнозинството на Демократската унија за интеграција и СДСМ. Навистина не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание, или сме можеби семоќни и ги контролираме сите политички партии, што не е така, изјави Мицкоски.

Прашан зошто вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ не присуствувал на денешната меѓувладина седница, Мицкоски рече дека „не е присутен поради оправдани обврски“.

–  Би сакал да кажам дека членот на Владата, Стоиљковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но, бидејќи ние ја поместивме владината седница требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник и поради оправдани обврски не е денеска тука. Но, затоа заменикот министер, Неждет Мустафа денеска е тука и навистина имаше една прецизна јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската Влада, изјаци Мицкоски.

Прочитајте и:  Меџити „ги смирува“ Албанците во Македонија и надвор: Стекнатите права не може да се деградираат, туку ќе се унапредат

Прашан дали на средбата со Мицкоски го отворил прашањето за постапката на Уставниот суд, Курти рече дека, колку што му е него познато три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија и овие три одредби парадоксално не се никогаш применети во минатото и сега е до Уставниот суд на Северна Македонија ова да го оцени.

-Но, треба да објасниме една работа. Нема во Северна Македонија Закон за употреба на албанскиот јазик и немало ни во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците кој ја истакнува бројката 20 проценти. Тоа не е закон за албанскиот јазик. Тоа е Закон за употреба на јазиците. Тоа е првата работа. Од друга страна, верувам дека сите треба да чекаме за една правична одлука на Уставниот суд во Македонија кој нема да направи ниту исклучувања, ниту дискриминации и кој го почитува повеќејазичниот карактер во Македонија кој постои, бидејќи населението не говори на ист јазик, изјави Курти.

Во Косово, посочи Курти, иако Албанци се 93 отсто, а 4 отсто се српско население, српскиот јазик е службен јазик.

–  Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот бил службен јазик, официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина. Ние сакаме добри меѓусоседски односи со Северна Македонија и за ова ќе соработуваме, но има и други органи на власта во Северна Македонија, исто и во Република Косово кои ги носат нивните одлуки, рече Курти.

- Реклама -