И намалувањето на телесната тежина може да биде опасно

Лицата кои имаат нестабилен крвен притисок и кај кои осцилира телесната маса, холестеролот и шеќерот, се изложени на поголем ризик од срцеви и мозочни удари, предупредуваат корејските научници.

До ваквиот заклучок научниците дошле по проучување на податоците собрани од корејскиот систем на здравствено осигурување во периодот од 2005 до 2012-та година, а од вкупно повеќе од 6.7 милиони луѓе кои дотогаш немале срцев удар, шеќерна болест, повишен крвен притисок и холестерол. Сите овие луѓе во проучуваниот период имале по најмалку три здравствени прегледи, а тимот научници продолжил да следи половина од нив на уште најмалку 5.5 години.

Во текот на истражувањето, 55.000 лица починале, повеќе од 22.000 имале мозочни, а над 21.000 имале срцеви удари.

 

Во споредба со луѓето кај кои тежината, крвниот притисок, холестеролот и нивото на шеќер во крвта не осцилирале, кај луѓето со најголеми осцилации во наведените параметри забележан бил дури 2.3 пати поголем ризик да починат во текот на истражувањето, и 40% поголем ризик да доживеат срцев или мозочен удар.

Да, научниците ги охрабруваат дебелите луѓе да ја намалат тежината, но предупредуваат тоа да не го прават нагло и максимално да избегнуваат да го прават често, бидејќи слабеењето и повторното дебелеење може да биде опасно.

Од друга страна, и самото добивање на тежина претставува стрес за организмот, што може да го зголеми ризикот од срцев и мозочен удар, затоа целта не е одржување на вишокот килограми, велат корејските научници, туку одржувањето на нормална тежина во текот на целиот живот.

Истражувањето е објавено во магазинот „Circulation“.

 

- Реклама -