Наградата за мене е 10 минутен аплауз на крајот од секоја претстава

Духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството „Ало! Ало!“ ја одбележа петтата вечер на МТФ „Војдан Чернодрински“ 2024 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ Прилеп.

Претставата е дел од официјалниот натпреварувачки дел, а е во режија на Синиша Евтимов. Улогите во ги толкуваат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Асен Алберто, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.

„Соработката со Синиша Евтимув му ја посакувам да му се случи на секој еден актер во цела Македонија и во секој можен театар. Тоа е најдоброто нешто и најзабавните процеси кои што може да му се случат на еден актер. Процес во кој си апсолутно слободен да креираш. Процес кој секогаш завршува со големи успеси одлични резултати“, вели Маја Љутков.

За себе вели најдрага награда и е 10 минутен аплауз на крајот од секоја претстава.

„Кој и да кажал до сега во било кое видео дека не се надева на награда не е точно. Значи ние колку и да велиме дека ништо не ни значи секоја награда се разбира дека е мотив за еден актер. Тоа не ја прави неговата кариера, не го отсликува него како актер, каков актер е, меѓутоа секоја награда е мотив. Секое признание е мотив за еден актер, ама за разлика од сите години оваа година не не се надевам, затоа што веројатно имам достигнато некоја зрелост во актерството каде што сум оставена да се препуштам себе си на тоа да уживам во професијата, а да не се занимавам со тоа дали ќе добијам награда или не. Наградата за мене е 10 минутен аплауз на крајот од секоја претстава, нормално“, додава Љутков.

За МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе рече:

„Се разбира дека ни треба „Чернодрински“, сите се радуваме како мали деца кога ќе се спомне „Чернодрински“ дека почнува. Нашата фела апсолутно се радува, е радосна. Ни требаат многу повеќе, ни требаат не да си ги мериме силите, апсолутно да се видиме, да се дружиме, да размениме искуства. Тоа е идејата на овие фестивали“.

И годинава тричленото жири е меѓународно и е во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.

Автор: Дениз Абдула

- Реклама -