На роденденот на починатиот Адријан Живков од „Пулс“, пријателите основаа фондација во негова чест и донираа 500 пакетчиња во Чешиново-Облешево.

0

Преку Фондацијата „Адријан Живков“, денеска се реализираше донација на 500 новогодишни пакетчиња за деца во Општина Чешиново-Облешево. Пакетчињата беа дистрибуирани во училишта и градинки во неколку населени места, а донацијата е направена на денот кога Адријан Живков, кој трагично загина во пожарот во дискотеката „Пулс“, би го славел својот роденден. Неговите пријатели решија да го одбележат овој датум со хуман жест.

Пакетчињата се распределени во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Соколарци и основното училиште „Климент Охридски“ во Облешево, како и во подрачните училишта во Чешиново, Уларци, Спанчево, Бања, Кучичино, Теранци и Чифлик. Донацијата опфати и три градинки: „Ѕвездички“ во Чешиново и Облешево, како и градинката „Штркче“ во Спанчево.

Реклама

Адријан Живков е еден од жртвите во трагичниот пожар, настан кој остави длабока рана во Македонија, со 63 загинати. Според сведоштва, во моментите на несреќата, Адријан се истакнал со храброст и човечност, обидувајќи се да спаси што повеќе луѓе, при што го жртвувал својот живот.

Со цел да се одржи неговото име во сеќавање како симбол на солидарност, емпатија и несебичност, пријателите на Адријан ја основаа Фондацијата „Адријан Живков“. Од фондацијата порачуваат дека нивната мисија е да обезбедуваат поддршка и помош за оние на кои им е најпотребна, следејќи ги вредностите што Адријан ги промовираше.

„Фондацијата ќе продолжи активно да работи и во иднина, спроведувајќи донации и хуманитарни активности во негова чест, со цел да носи надеж на местата каде што е најпотребна“, велат неговите пријатели, истакнувајќи дека оваа донација е само почеток на поширока хуманитарна иницијатива.