„Од нив две се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Неврохирургија, а друга има скршена рака“, изјави д-р Мерџаноски за медиумите.
Силното невреме, проследено со интензивен дожд, олуен ветер и грмежи, попладнево ја зафати Македонија, оставајќи по себе повредени лица, откорнати покриви, стотици паднати дрвја, оштетени возила и блокирани улици. Најтешко погодено е Скопје, каде што само преку бројот за итни повици се јавиле повеќе од 1.000 граѓани. Во градот, силниот ветер откорнал покриви од училишта и згради, и оштетил многу возила. Невремето предизвика штети и во Куманово, Штип, Кочани и Виница, додека Стар Дојран синоќа претрпе сериозни материјални последици.



