На Груби е како ќе го организира просторот во својата канцеларија, вели Ковачевски за кошарката на ДУИ во МПСОЗ

„Спортски реквизити во канцеларија на премиер не се новост, јас ги немам, но лично прашање е како некој го организира просторот во својата канцеларија“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, прашан за „анти-стрес“ разонодата на министрите од ДУИ во кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, односно во државен објект.

Ковачевски посочи и дека тоа не се први такви слики од кабинетот на Груби и дека дури и амбасадорот од Словачка играл фудбал во истите простории.

„Јас имам колеги премиери кои што имаат кошеви во канцеларија. Јас немам и никогаш не сум имал, меѓутоа секој може да избере дали ќе има некаков реквизит кој што ќе го искористи во својата канцеларија на минута, 2-3 или пет. Така што тоа е лично прашање за некој како го организирал просторот во својата канцеларија. Дали мене ми пречи или не, е ирелевантно, бидејќи доколку јас сакам да го организирам просторот во канцеларијата во која работам на начин на кој сакам, тогаш ќе го организирам. Начинот на кој го организира просторот во својата канцеларија друг човек, е прашање за него“, рече Ковачевски по денешната прес-конференција по повод потпишувањето на договор за изградба на Коридорите 8 и 10д со „Бехел-Енка“.

Вицепремиерот Груби, прашан дали смета дека е во ред „да се закачи кош до уметничка слика“ и да се има таков однос кон она што е сопственост на сите граѓани, „се извини“ за таквата постапка, но ја оправда со новата реорганизација на органите на државната управа. Тој рече дека неговата задача, како вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, е да им служи на сите граѓани, но потенцираше дека најважната обврска е спроведувањето на политиките и проектите.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

„Ако тоа толку длабоко задира во вашите чувства затоа што сме играле фудбал, баскет… , во чувствата на кој било што е трогнат од таа слика, навистина ви се извинувам. Јас сум, како што знаете, спортски тип, и согласно реорганизацијата на органите на државната управа Агенцијата за млади и спорт треба да стане дел од Министерството за политички систем“, рече Груби.

Тој додаде дека нема амбасадор што дошол во неговата канцеларија а не шутирал топка, и дека од тоа и претходно се објавувани слики.

„Пред некој ден, на пример, Словакот беше последниот што шутираше и вие објавивте, во порталите беше. Тоа не беше скандал, ова денеска е скандал. Ова е таа хистерија за која што зборувам, за двојни стандарди, за селективни правди, за измислување за теми само да се дефокусира од нешто. Значи, дојде градоначалникот на Тирана, дури со пета даде гол“, рече Груби.

Извор: МИА

- Реклама -