На вчерашниот состанок на Управниот одбор (УО), претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) – Живко Мукаетов, го искритикувал националниот тим за бледите игри во квалификациите за Европското првенство во 2020-та. Тој истакна дека посебно бил разочаран од поразот против Грција и дека за претстојните настапи на Светското во Германија и Данска (од 10 до 27 јануари) ќе биде потребна целосна промена во односот и пристапот:
„Поразот од Грција го доживеав најтешко досега. Потешко и оној од Тунис на квалификацискиот турнир за Олимписките игри. Лично бев во Кожани (град во северна Грција) и засрамен ја напуштив салата. Нема поголем срам од средбите со луѓе на улица и обвинувањата што ги искажуваат за неуспехот. Ова е ситуација во која се прашувате дали сето ова вреди кога некој од друга страна не дава поддршка, а направено е сé како треба.
Вината за поразот во Кожани е на сите кои беа таму. Без исклучок. Играчите не ги делам на млади и возрасни меѓутоа неспорно е дека има лош однос и злоупотреба на монополот што го имаат поединци на одредени позиции. Односот мора да се смени. Срамот од Кожани не можеме да го избришеме, но нека биде мотив за мундијалот во Германија“, порачал Мукаетов.
Критики на адреса на ракометарите стигнаа и од Наумче Мојсоски и Гордана Нацева. Прочитајте на Независен.мк.