Муцунски: Бербок не отфрли можност за дијалог за иницијативи, треба да најдеме решение што ќе не заштити и нас и ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на нивната неодамнешна средба во Берлин покрај посочувањето на уставните промени,  кои во моментот ни се поставени како услов за продолжување на евроинтегративниот процес, таа никаде не отфрлила можност за дијалог за инициативи бидејќи и духот на еворпските врендости е меѓусебе да комуницираме, да дискутираме и сите да сме сигурни дека стратешки сме усогласени за истиот правец.

-Не сакам да се внесам во дијалог што точно кажала министерката. Таа кажа дека во моментот едногласноста е правило коешто јавно кажа – Германија сака да го промени во делот на проширувањето. И Германија има и активна иницијатива да го промени во делот на проширувањето коешто ја поддржуваат и повеќе земји членки. Министерката, исто така, кажа дека во моментот како услов ни е поставен процесот на уставни промени, но истовремено, барем јас што следев, никаде не отфрли можност за дијалог за иницијативи бидејќи и духот на еворпските вредности е меѓусебе да комуницираме, да дискутираме и сите да сме сигурни дека стратешки сме усогласени за истиот правец. Јас тоа навистина го ценам што една голема земја членка како Гермнија би рекол, прати една силна порака. Во рок од два дена имаше средба помеѓу премиер и канцелар, таму бевме и ние заедно со колегата, потоа имаше средба министер за надворешни работи со министер за надворешни работи, што значи и на дело ја потврди својата посветеност кон Западен Балкан и кон нас како земја која што е кандидат и којашто треба да ги отвори пристапните преговори, рече Муцунски на новинарско прашање на денешната Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигитална трансформација“.

За тоа кога ќе се случат уставни измени и дали ќе се случат, вели, конечен одговор на тоа прашање ќе го дадат две третини од пратениците и оти постојното владејачкото мнозинство има скоро две третини од 120 пратеници.

-Јас тоа во моменот не би можел конкретно да ви го одговорам. Но тоа што можам да ви го кажам е дека прво ние како Влада имаме свест дека уставните измени се услов за отпочнување на преговорите. Да не биде дека министерката во Германија зборува едно, а ние зборуваме друго. Сите сме свесни дека тоа е услов, многу погрешно поставен, но таков е условот во моментот. Е сега, како да сме сигурни дека ова ќе биде последно барање од ваков тип или профил којшто не е поврзан со европски стандарди, туку е повторно поврзано со билатерално прашање покренато од наш сосед којшто не соодејствува со европски вредности. Бидјеќи утре и да има блокада заради нереализирање на реформска агенда или заради нереализирање на нешто што е клучно во делот на било кој од кластерите, можеби би биле незадоволни можеби би биле несреќни, но принципот е тој. Треба да се усогласите со највисоките стандарди за да станете земја членка, вели Муцунски.

Според него, сакаме напред по европскиот пат, но, вели, сакаме и пристап којшто не штити нас, а ја штити и ЕУ.

-Тука е нешто сосема различно и затоа јас сум на ставот дека не треба да се расфрламе со рокови или со време, туку треба да обезбедиме едно решение коешто ќе ни даде долгорочна сигурност, некој вели гаранција. Еве да користиме поблаг збор, сигурност дека патот напред ќе биде предвидлив и ќе бидеме мерени врз основа на објективни критериуми. Никогаш не сме рекле дека таквото решение ќе биде лесно да се најде, но нашата обврска е да бидеме усогласени за сето она што го зборуваме подолг период, што сме го зборувале пред граѓаните во кампања и што сега го зборуваме. Да, сакаме напред по европскиот пат, но сакаме и пристап којшто не штити нас, а ја штити и ЕУ од примерот што го даде колегата Муртезани. Потенцијално ново вето врз основа на билатерално барање, коешто ќе значи раст на евроскептицизмот не само кај нас, туку би рекол и во целото соседство, каде што има политичари коишто едвај чекаат да покажат со прст и да речат еве видете повторно што прават, видете со какви неправди се служи ЕУ. И затоа велиме ние се штитиме себе, но ја штитиме и политиката на проширување ваква каква што е во овој момент, нагласува Муцунски.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Прашан дали ние ќе чекаме ЕУ да го смени принципот на одлулување со едногласност за да го продолжиме евроинтегративниот пат и кои се плановите на Владата доколку по изборите не се формира влада во Бугарија и нема релевантен партнер за разговор таму, Муцунски вели државата нема време за чекање и мора да има отворен дијалог.

-Ние немаме време како држава за чекање. Ова е владејачко мнозинство со скоро двотретинско мнозинство. Собранието најлесното нешто што можеше да го направи ова владејачко мнозинство е да чека. Да рече, видете, не е добар овој предлог, спротивставен е со наши интереси, ние ќе работиме на европскиот пат, но не чувстуваме потреба да разговараме. Ние велиме мораме да имаме отворен дијалог бидејќи државата нема време за чекање и сака да ги отвори пристапните преговори бидејќи сега доаѓаме на констатацијата и го рушиме оној мит создаден од претходно дека ние преговараме. Бидејќи се создаваше една таква аура дека преговараме со ЕУ. Затоа велам ќе дискутираме, активен ангажман ќе има и премиерот и претседателката и колегата Муртезани, и јас лично, за изнаоѓање на решение, но не решение по секоја цена. Јас само сакам да го потврдам фактот што Германија јавно отворено почна да зборува за промена на еден систем на гласање којшто создава штети и за перцепцијата на ЕУ. По однос на состојбата внатрешно – политичка во Бугарија, јас би сакал што побрзо да се формира влада, бидејќи без да се формира влада во соседна Бугарија, тешко е дека ќе може со полн политички легитимитет да се дојде до компромис каков што ни посакуваме, вели шефот на диполатијата.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на настанот во своето обраќање во делот на уставните измени посочи дека власта сака гаранција не само да почне втората фаза туку и да завршат преговорите без блокади. Прашан каде точно ги гледа тие можности за блокади кажа дека потенцијалот за блокади е многу поширок и дури некои блокади, вели, може и ние сами да ги предизвикаме ако не ги имплементираме реформите согласно стандардите на ЕУ, но оти тоа би биле блокади коишто би ги предизвикала само неодговорна влада.

-Што се однесува до тоа кои се точните места мислам дека се уште е рано јавно да се зборува за тие работи. Ќе треба да се стрпиме уште малку. Сите тие наши настојувања преку нашите европски партнери и пошироко се многу активни во периодот и во моментот кога ние ќе сметаме дека е заштитен интересот на граѓаните и воспоставен дијалогот со Бугарија секако дека ќе ги споделам, рече Муртезани.

Во однос на проблемот со непризнавањето на возачките дозволи со новото уставно име на нашите граѓани во Италија од страна на италијанските власти, Муцунски изјави дека ова прашање за многу брзо време ќе биде надминато, за што се во комуникација со тамошните власти, и се во координација со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

-Тоа што можам да го потврдам е дека сме свесни за овој предизвик којшто е настанат од претходно. Независно на тоа, ние мораме сега да го решиме за граѓаните да немаат проблеми понатаму. Се кооридинираме со министерот Тошковски и сметам имам очекувања во соработка со Италија на билатерално ниво дека ќе го надминеме овој предизвик, рече Муцунски.

- Реклама -