Москва пред состанокот на Г7: Конфронтацијата со Западот ќе продолжи

Москва, 11 октомври 2022 (МИА) – Кремљ денеска соопшти дека очекува дополнителна „конфронтација“ со Западот, пред итниот состанок на Г7 на кој ќе се разговара за најновите руски напади врз Украина.

„Расположението пред самитот е добро разбрано, лесно е предвидливо. Конфронтацијата ќе продолжи“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој додаде дека Русија „ќе ги постигне поставените цели“ во Украина.

Руските власти денеесска соопштија дека се извршени „масовни“ напади врз Украина неколку часа пред состанокот на Г7. Официјални лица во западниот украински регион Лавов изјавија дека најмалку три руски проектили биле насочени кон енергетската инфраструктура, а градоначалникот рече дека околу една третина од градот е без струја.

Руското МО ги потврди нападите, нагласувајќи дека извршиле масовни напади користејќи оружје со гоилем дострел и висока прецизност и дека „сите доделени цели биле погодени“.

Состанокот на Г7 доаѓа еден ден откако руски ракети го потресоа главниот град на Украина за првпат по неколку месеци. Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека неговата земја „не може да биде заплашена“.

Московските сили испукаа вчера повеќе од 80 проектили врз градови низ Украина, соопшти Киев. Украинската служба за итни случаи соопшти вчера дека вкупниот биланс се искачи на 19 загинати и повеќе од 100 повредени.

Руското бомбардирање на градови во Украина можеби ги прекрши законите на војувањето и претставуваат воени злосторства доколку цивилните цели биле „намерно избрани“, соопштија денеска ОН.

Руските напади следуваа по експлозијата во саботата, која го оштети клучниот мост што ја поврзува Русија со Крим, полуостровот кој Москва го анектираше од Украина во 2014 година. Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за експлозијата на мостот и предупреди на „сериозен“ одговор на какви било дополнителни напади.

Прочитајте и:  Зеленски: Украина можеби ќе треба да почека и да го надживее Путин за да си ја врати територијата

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека вчерашните напади покажале дека Москва е „очајна“ по серијата засрамувачки воени неуспеси.

Турција денеска повика на одржлив прекин на огнот меѓу Русија и Украина „што е можно поскоро“, при што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се очекува да се сретне со Путин оваа недела. Говорејќи во телевизиско интервју, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу исто така повика на „праведен мир“, заснован на територијалниот интегритет на Украина.

Канцеларијата на британската премиерка Лиз Трас соопшти дека таа ќе го искористи собирот на Г-7 „да ги повика колегите лидери да останат на курсот“. „Никој не сака мир повеќе од Украина. И од наша страна, не смееме да се поколебаме во нашата решеност да им помогнеме да го добијат“, изјави таа.

Портпаролот на германската влада, Штефен Хебестрајт, вчера изјави дека канцеларот Олаф Шолц разговарал со Зеленски и го уверил „за солидарноста на Германија и другите земји од Г-7“.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги свика своите министри за одбрана и за надворешни работи во врска со нападите, за кои рече дека сигнализираат „длабока промена во природата на таа војна“.

Американскиот претседател Џо Бајден со остри зборови ги осуди нападите, нагласувајќи дека тие ја демонстрираат „целосната бруталност“ на „нелегалната војна“ на Путин. Во соопштението, Белата куќа наведе дека Бајден разговарал со Зеленски и ветил дека ќе ѝ обезбеди на Украина „напредни системи за ПВО“.

Путин треба денеска да се сретне со шефот на надзорното тело на ОН за нуклеарна енергија, Рафаел Гроси, во Санкт Петербург за да разговара за нуклеарната централа под руска контрола во украинскиот регион Запорожје.

Борбите околу објектот со месеци ги зголемија стравувањата од нуклеарна несреќа.

- Реклама -