Пишува Горан Михајловски, за „САКАМДАКАЖАМ.мк“
Народната мудрост вели: Јазикот коски нема, ама коски крши. Па дури и Бугарија да го тргне ветото и Македонија да ги почне преговорите со ЕУ до крајот на годината, ќе остане горчината на изреченото.
Ќе си речеш, ај Заев е таков. Му личи на табиетот. Не сака конфликти. Ги решава проблемите со договарање, со пазарење, со разбирање на другата страна. Практичар е. Па, тој им прости и на организаторите на нападот на Собранието на 27 април 2017 кога одвај извлече жива глава, а нема да им прости на Бугарите чии претци пред осумдесет години ги стрелале неговите претци? Ако можеше на суд да рече дека Трајко Вељаноски и Миле Јанакиески за организирање на нападот на 27 април биле изманипулирани од Груевски, тогаш нека ги оправда и Бугарите и нивниот цар Борис оти во 1941 година биле изманипулирани од Хитлер.
Ама, мораше ли за да ги успокои Бугарите да ги вознемири Македонците? Ние да се чувствуваме лошо, за Бугарите да се чувствуваат добро? Ние да се правдаме дека нашите се бореле против фашистите.
Француското вето од минатата година и новата методологија за проширување на ЕУ е смислена токму за во иднина да не им се случи грешка, па да им се протне некоја Бугарија. Таа Бугарија, која и по 13 години членство сè уште е под мониторинг на Европската комисија за реформи во судството, борба против корупцијата и организираниот криминал. И кога станува збор за преговарачката рамка, Германија како претседавач на Унијата е со нас. Останатите 25 земји се со Германија. Бугарија е сама. Лошото дете на Европа е осамено.
Тогаш, кој бараше од Заев да го бели историското петно на Бугарите? Кој бараше од него тој да си ја преземе врз себе вината за бугарската окупација на Македонија и соработката со фашизмот? Европската унија ли го бараше тоа од него? Европската унија ли рече дека ние не можеме да им се придружиме затоа што сме се бореле против фашизмот?
Европско решение е кога канцеларот на тогашна Западна Германија Вили Брант во 1970 година клечеше во Варшава во знак на извинување за злосторствата што им ги направила фашистичка Германија на Полјаците. Во 2020 година, излезе дека европско решение е ние да клечиме во знак на извинување што Бугарите пред 80 години имале фашистичка власт, а ние сме биле на страната на антифашистите.
Па ај тогаш, да им се извиниме и на партизаните. Оти, според европска Бугарија, тие не се бореле против фашизмот. Решавале административни проблеми со „некоја администрација“. И министерот за одбрана на европска Бугарија Красимир Каракачанов не мора да праќа војска да ги брише плочите од спомениците на антифашистите. Сами ќе ги избришеме за да влеземе во ЕУ. Некоја друга желба да не имаат нашите драги браќа соседи и пријатели од европска Бугарија? Кога сме веќе со крпата в раце, да забришеме уште некоја дамка од нивната историја… Целата колумна прочитајте ја ТУКА.