Заклучно со денешниот ден, петмина македонски државјани кои се наоѓаат во Газа, „изразиле интерес“ да се вратат во државава, информира МНР во врска со влошената безбедносна ситуација во Израел и Газа.
„Потсетуваме дека покрај брачниот пар, за кој од порано имавме информации дека се наоѓаат во Газа, во меѓувреме нашата Амбасада во Каиро е контактирана од семејство – татко и две деца, сите македонски државјани. За децата се обезбедени документи за нивно враќање во Северна Македонија, а од надлежните институции во Каиро и Тел Авив добиена е информација дека сите пет државјани се ставени на листата за евакуација, за што се чека одлука за отворање на граничниот премин Рафах“, наведуваат од МНР.
Од министерството потенцират и дека двете амбасади на земјава, во Каиро и Тел Авив, се во постојана комуникација со сите наши државјани, кои во моментот се на безбедно.
Отворањето на граничниот премин е условено со состојбите на терен и во моментот граничниот премин е затворен, потсетуваат, исто така, од МНР.
„Во меѓувреме работиме на идентификување и прибирање податоци за евентуално други наши државјани кои би можеле да бидат затекнати во Газа, за што уште еднаш потсетуваме на нашите контакти: СОС телефони на МНР- 075/ 273- 732 и 075/268-736, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Кајро +201033615542“, се додава во соопштението.