Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести.
„Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството“, стои во соопштението од МНР.
Посочуваат дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи.
„Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија“, се вели во соопштението.
За овие бројни прекршувања, како што велат, согласно внатрешните процедури, од МНР најавуваат дека ќе преземат соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија.
Нагласуваат дека претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР, и како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид.
„Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешно – политички чекори“, се наведува во соопштението од МНР.
МИА