Мнозинство со 86 гласа? Мицкоски не очекува други нивни пратеници да гласаат за уставните измени

Преговорите помеѓу премиерот Зоран Заев и БЕСА на Билал Касами ни вчера не вродија со резултат, но според последните неофицијални информации што кружеа во собраниските ходници вчера попладне, двотретинското мнозинство е обезбедено и без гласовите на БЕСА, пишува „Независен“.

„Премиерот цел ден има состаноци со пратеници од речиси сите групи. Беше на посебна средба со независните, па со пратеничката група на СДСМ и на коалицијата, другите коалициски партнери… Во овој момент, имаме сигурно мнозинство од 80 пратеника дури и да не се постигне договор со Беса, а преговараме и се надеваме оти на крајот ќе го завршиме процесот со 86 пратеника“, изјавил функционер на СДСМ за весникот.

Од друга страна, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, не очекува други нивни пратеници да гласаат за уставните измени за промена на името, изјави тој за „Дојче веле“, одговарајќи на прашањето за тоа дали постои можност гласовите на БЕСА да бидат надоместени со гласови од ВМРО-ДПМНЕ, нешто што и јавно го предложи екс-премиерот Љубчо Георгиевски, според кого тоа би бил вистински патриотски потег.

За Мицкоски таквото „пазарџиско однесување“, особено преку медиуми, е неприфатливо, особено кога се работи за вака чувствителни прашања.

„Пандорината кутија во овој процес ја отвори Зоран Заев и препорачувам од него да се бараат одговори за ваквата ситуација, а не од ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно, Заев од премногу дриблање почнува да си дава и автоголови и да праќа посредници, што само ја покажува неефикасноста на целиот процес и неприродниот и насилен начин на кој сака да дојде до целта“, вели Мицкоски за „Дојче веле“.

Од Беса велат дека вчера вечерта Заев го одбил предлогот кој претходно самиот го понудил како можно решение за договор. Предлогот бил „за граѓаните од албанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик да гласи „македонско/граѓани на Република Северна Македонија”, на албански јазик да гласи „eMaqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore”, и на англиски „macedonian/citizen of Republic od North Macedonia”. Заев го одбил предлогот откако се консултирал со осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, пренесува „Плусинфо“. Тие не отстапуваат од договореното со Грција и за нив предлогот на БЕСА е неприфатлив. Кога Заев би го прифатил, би ги изгубил нивните гласови.

Денешната седница е закажана за во 12 часот. Пред Собранието повторно се најавени протести.

- Реклама -