71-годишниот Габриел Хорхлер е библиотекар од Блејденсбург, Мериленд, а работи во центарот на Вашингтон. Пред 15 години, тој му покажа среден прст на градскиот метеж и почна да оди на работа со кајак.
Ужива исто колку и првиот ден, во 1997-та. Филмот му пукнал кога бил удрен додека возел мотор среде гужвата, а оттогаш погледот му е насочен единствено во мирниот тек на реката Анакостиа, која му е баш погодена за до работа – тече паралелно со автопатот.
Рутината му е како врежана во камен. Почнува со 15-минутно возење велосипед, до реката каде што му е паркиран кајакот, па се пушта низводно со кајакот и стигнува до другиот велосипед што му е паркиран во Вашингтон, со кој продолжува до работното место во Библиотеката на конгресот на Вашингтон. Се враќа со метро. Следниот ден – обратно: оди со метро до работа, па се враќа со веслање.
Хорхлер извлекува многу придобивки: свеж воздух, вежбање и најважно – мир. „Прекрасно е. Како да си на седативи. Влегуваш во сопствен ритам, и е многу, многу смирувачки. Не сум жртва на дефектите во метрото или застојот во сообраќајот. Не, јас сум кралот на реката“.
Нормално, 15 години веслање придонесоа со тоа Хорхлер да е во одлична форма, со оглед на возраста. Надворешно и потсетува на библиотекар, ама под кошулата се крие вистински спортист. Сведоците велат дека е мускулест како Шварценегер.
Воглавно е совршено, ама не секогаш. Некогаш водата е нечиста, некогаш ќе дувне спротивен ветер, некогаш ќе види по некое мртво животно. Се има и превртрено 2-3 пати. Сеедно, не ни помислува да смени нешто во својата рутина, барем не до крајов на месецов, кога ќе оди во пензија. А после тоа? Планира да весла уште повеќе, само не до работа.