Мизрахи покажуваше фотографии од свои роднини депортирани во Треблинка, Заев категоричен дека никогаш не рекол дека Бугарија била „администрација“ во Македонија

„Исклучително исправно е за државата да склучува договори, низ коишто ќе бара решенија и кoишто ќе го гарантира европскиот и евроатлантскиот пат на нашиот народ. Преку 75 проценти од граѓаните сметаат дека се ова нашите стратешки интереси“, порача премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања.

Тој зборуваше и за разговорите со Република Бугарија и побара од опозицијата да не печали политички поени врз интересите на граѓаните на државава, кои се за членство во ЕУ.

Заев истакна и дека македонскиот идентитет и јазик никогаш не биле на маса на преговори и дел од разговори, уверувајќи дека нема ни да бидат.

„Тоа е наше право, самоопределување, европски право и очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, без какви било задршки, уцени или резерви, затоа што пријателите тоа го прават“, рече премиерот.

Тој истакна и дека постои заедничка македонска и бугарска историја – исто како што постои посебна македонска историја којашто си ја имаме како македонски народ и како држава. Сепак, формулацијата за заедничка историја на двата народа, е сериозна основа на која може да се гради пријателство и европска иднина, смета тој, изразувајќи надеж и очекување дека врз таа основа и мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања ќе продолжи да бара решенија за отворените прашања.

Заев одговараше и на обраќањето на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ – Рашела Мизрахи, која од собраниската говорница покажуваше и фотографии од членови од нејзиното семејство кои биле депортирани во Треблинка во 1943 година.

„Народните херои ги убил фашист, а не цели народи“, ѝ одговори Заев, при што рече дека никогаш не рекол дека Бугарија била администратор во земјава. „Била окупатор, но одлуката на тогашната власт и администрација во Бугарија не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и бугарската држава“, рече премиерот.

„Затоа е важно како зборувате. Секој може да печали по некој поен заради некој личен интерес, политички, за да дојдете до власт, моќ, пари, но оваа реторика и драматургија е заради ваши димензионирани интереси…

Ќе се однесуваме одговорно и ќе градиме пријателство, во сé што е наша светост: национална посебност, македонски јазик, македонски народ, македонски идентитет, како и идентитетите на сите помалку бројни заедници во нашата заедничка татковина. Успева државата да оди напред. Денеска сме членка на НАТО, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе бидеме членка на ЕУ, како Македонци кои зборуваат македонски јазик“, додаде тој.

Целосните обраќања на Мизрахи и Заев можете да ги погледнете во продолжение:

- Реклама -