Мицкоски: Во случај на спор за Договорот со „Бехтел и Енка“ важечко ќе биде англосаксонското законодавство

Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите е скандалозен по стотина основи, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Наведувајќи дел од нив, Мицкоски тврди и дека во случај на спор, за договорот ќе биде важечко англо-саксонското законодавство со кое, како што рече, нашиот континентален модел е некомпатибилен.

Мицкоски рече дека Договорот го добиле од свиркачи, но не знае дали е тоа истиот Договор што бараат да биде објавен. Сепак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе објавува делови, а Владата, рече, нека демантира ако не е точно објавеното.

„Во Договорот има елемент кој што вели вака: ‘Законодавстото пред којешто одговара овој Договор е законодавството на Англија и Велс’. Го анализиравме Договорот и на ‘Актор’ и на ‘Синохидро’. И едниот и другиот се поврзани со законодавството на Македонија. Зошто е тоа важно? Затоа што при спор и арбитража ќе биде важно законодавството на државата во којашто се случил овој проект. За разлика од тие два проекта, за овој проект важечко законодавство при евентуален спор ќе биде законодавството на Англија и Велс. Тоа е англосаксонски модел на правен систем, а ние имаме континетален. Едниот со другиот се некомпатибилни и доколку утре имаме спор, а ќе имаме бидејќи во самиот договор нема цени (од тоа што можевме да го видиме) за најмалку 30 ставки, тогаш ќе треба да се појавиме пред Меѓународната стопанска организација во Париз и да го водиме тој спор, а тогаш адвокатите од Македонија се неприменливи затоа што законодавството на Македонија не е важечко, туку тоа е на Англија и Велес“, изјави Мицкоски по отворањето на штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

За лидерот на најголемата опозициска партија е спорно и тоа што, како што тврди, никаде освен во клучните зборови на почетокот на Договорот го нема зборот ФИДИК – меѓународниот стандард по којшто се реализираат меѓународни договори.

Мицкоски го повика претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, за кој рече дека организира презентација на Договорот од страна на вицепремиерот Артан Груби, да дозволи и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде присутна и да го презентира ставот пред стопанствениците.

„Немамме таква покана и се надеваме дека во текот на утрешниот ден ќе добиеме“, рече Мицкоски.

Претходно денеска, деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски до нив да го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д. Ставот на премиерот е дека Договорот е со одреден степен на доверливост, а увид во него ќе има Јавното обвинителство.

Извор: МИА

- Реклама -