Марија Габриел им ја плесна вистината во очи, тоа е вистината за која што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме година и половина. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи, Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка. Не е последната“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел дека уставните измени не се единствен услов.
Мицкоски додаде дека ова е само почеток на проблемите кои следат затоа што, како што рече, без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишале договор со цел да го завршат својот проект две години власт.
„Едниот да биде премиер, другиот генерален секретар, а другите да станат милионери на грбот на македонските граѓани, тоа беше проектот. Сега имаме сите ние проблем кој за жал повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава, но и граѓаните во Македонија во периодот кој следи. За ова зборувавме повеќе од година и половина, за ова предупредувавме и за жал со тоа што го направија, направија огромен проблем за сите нас“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е спремна, откако ќе ја формира новата Влада, да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.
„Очекувам дека и ЕУ, но лидерите доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении каде Македонија, македонскиот идентитет и народ се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики. Ќе ве потсетам тоа се започна со ветото кое го добивме поради спорот со името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека наскоро ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите она кое што ѝ припаѓа многу одамна“, рече Мицкоски.
Тој при денешната посета на Свети Николе по повод патрониот празник на градот „Свети Никола”, истакна дека имаме многу внатрешни проблеми, но што се однесува до оние отстапки кои се направија, сите заедно членки на ЕУ ги немаат направено.