Мицкоски по лидерската: ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во влада само без ДУИ, а уставни измени „прифаќа“ ако почнат да важат кога ќе се ратификува нашето членство во ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ во таа влада, а што се однесува до уставните измени, останува на ставот дека под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да ги поддржи, соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, кому „јасно му кажал“ дека ова е позицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски посочи дека, на средбата, премиерот Ковачевски предложил во рамки на Парламентот да почне дискусија и да се отвори и да се изгласа со две третини потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тој предложи да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори, за кој добивме потврда денеска дека не е почнат, и потоа да бидат затворени едно две или три поглавја во зависност од брзината, а таа влада да оди на парламентарни избори“, рече Мицкоски, додавајќи дека неговиот одговор на понудата бил ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество во истата влада на ДУИ, со тоа што уставните измени би почнале да важат во моментот кога ќе се случи членството на Македонија во ЕУ.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во таква влада, со тоа што избори подготвува техничка влада сто дена пред одржување на избори, и евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамки на ЕУ од парламентите на 27 земји членки“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека премиерот Ковачевски ваквиот предлог го протолкувал како кршење на преговарачката рамка.

„Тогаш му предложив да одиме на предвремени избори кои ќе се одржат на три датуми на есен, да се формира влада на широко национално единство во која нема да биде дел ДУИ и – бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонски јазик – тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда или гаранција за сето ова што го зборуваме, па да видиме дали е така како што ни велат, имајќи предвид дека и Бугарија има легитимна Влада. И потоа со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани – дека Европа застанува позади многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик, и дека овој пат конечно Европа има навистина чиста и јасна цел пред себе Македонија да биде дел од европското семејство“, изјави Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

По ова, според него, би требало да се побара од претседателката на Европската комисија определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот, за да се подготви земјата за процесот на преговори за да биде конкурентна на европскиот пазар и да може да ги задржи луѓето тука.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека и покрај бројните шпекулации во јавноста со тоа дека се обезбедиле 80 пратеници, 44-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата стојат заедно на ставот дека уставни измени на ваков начин нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат.

„Кажав пред една година дека таа преговарачка рамка со тие услови за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлива, но и за огромното мнозинство македонски граѓани, бидејќи под тие услови ние никогаш нема да бидеме дел од ЕУ, иако тоа го заслуживме многу поодамна и многу пред други европски народи коишто веќе се таму“, рече Мицкоски.

Според него, добро е што лидерската средба се одржала бидејќи е воспоставен одреден вид на комуникација, која, како што рече, наспроти бројните шпекулации коишто во јавноста, досега ја немало.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сподели и дека од страна на Ковачевски бил информиран дека иницијативата за промена на Уставот би можела да влезе во следните 10 дена, а ќе биде ставена на гласање кога ќе се создадат услови.

„Очигледно нема услови. Ќе ја мачиме ли македонската јавност дополнително. Да заклучам, ценам дека лидерската средба ги покажа јасно позициите дека во овој момент нема двотретинско мнозинство во Парламентот и дека час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин на релаксирање на општеството е практично час поскоро да одиме на предвремени парламентарни избори за да можат граѓаните да добијат влада онаква каква што заслужуваат, а не влада која што не ги застапува нивните интереси“, рече Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -