Мицкоски очекува од 1 јули струјата да поскапи за 18%

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, очекува по 30 јуни, односно на 1 јули, цената на струјата да биде зголемена за минимум 15% и да достигне зголемување до минимум 18 отсто.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски објасни како ВМРО-ДПМНЕ дошла до ваквата бројка.

„Компаниите коишто ги регулира Регулаторната комисија, а тоа се МЕПСО, операторот на пазарот којшто исто така е, би рекол, индиректно МЕПСО, и дистрибутерот ЕВН Дистрибуција, кои учествуваат во отприлика 38 отсто од цената на електричната енергија, веќе побараа зголемување од 5%.

Оние 62% кои преостануваат, во најголем дел се цената за електрична енергија којашто досега ја обезбедуваше ЕСМ (поранешна ЕЛЕМ), по цена од 38.5 евра MW·h (мегават/час). И токму таквата цена на електричната енергија којашто ја снабдуваше ЕСМ, доведе до тоа денеска загубата на компанијата којашто на времето имаше 1.5 милијарда денари депозити и 350-360 милиони денари на сметка и 0 денари долгови, 2020-тата да ја заврши со загуба од, верувале или не, 1 милијарда и 33 милиони денари, или речиси 17 милиони евра.

Како резултат на тоа, засилена со пљачката којашто таму се случува а којашто ја објавивме на минатиот брифинг и коишто допрва ќе ги објавуваме, доведена е под знак прашање ликвидноста на компанијата и компанијата е доведена до ситуација да има повеќе од 1 милијарда денари загуба. ЕЛЕМ ќе понуди на овој тендер кај ЕВН Хоум цена на електрична енергија којашто се очекува да биде помеѓу 55 до 58 евра за за MW-h. И тоа ќе биде во вкупна количина од 70% од потребите на ЕВН Хоум, односно потребите на потрошувачите коишто добиваат сметки од ЕВН Хоум.

Останатите 30% ќе биде цената којашто ќе ја понудат трговците, а таа во моментов на берзите за електрична енергија изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена на електрична енергија, односно струја + тарифа за МЕПСО + тарифа за пазар + тарифа за дистрибутер, очекуваме дека граѓаните најмалку што ќе треба да плаќаат зголемена цена од 1 јули ќе изнесува најмалку 15%, односно 18%“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека токму поради овие причини, ВМРО-ДПМНЕ дала предлог за намалување на ДДВ-то на сметките за електрична енергија, од 18 на 5%, упатувајќи притоа порака до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и нејзиниот претседател – Марко Бислимовски, кои тврдат дека предлогот го дале тие, а не ВМРО-ДПМНЕ, истиот да го проследат до „нивниот стопан“ – премиерот Зоран Заев, за тој, односно Владата да поднесат таков предлог до Комисијата за финансирање и буџет (со која претседава пратеникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ).

„На тој начин приходите во буџетот ќе се намалат за од 90 до 100 милиони евра, но тоа ќе бидат пари коишто директно ќе ги заштитат сите граѓани од сметките за електрична енергија. А не повторно да се занимавате со 200 евра ваучер ваков, 100 евра ваучер онаков. Еве антикризна мерка кадешто државата ќе се откаже од 90 до 100 милиони евра на сметка на граѓаните“, рече лидерот на најголемата опозициска партија.

Доколку Бислимоски тоа не го стори, ВМРО-ДПМНЕ претседателот на РКЕ ќе го смета за соучесник во пљачката и осиромашувањето на народот и притоа тој ќе се соочи со гнев и масовни протести, кои ќе траат сѐ до неговата конечна оставка и одговорност затоа што „тој ќе биде најодговорен ако ова не го направи“, се закани Мицкоски.

- Реклама -