Мицкоски: Нема ниту една причина Заев да остане премиер, треба веднаш да распише предвремени избори

За разлика од премиерот Зоран Заев, кој смета дека нема потреба од оставка и предвремени избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, смета дека не постои ниту една причина Заев да остане на власт ниту ден повеќе.

Мицкоски направи споредба со 2020-та година, кога Заев поднесе оставка поради француското „НЕ“ и барањето на Макрон за нова методологија. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, истата таа причина за предвремени избори што ја имало тогаш, сега е уште посилна, бидејќи и условот е многу посилен – се бара компромис кој ќе биде на штета на македонскиот народ, на македонската нација и посебност, истакна Мицкоски.

„Тоа не беше случај во 2020-тата година, бидејќи тогаш блокираше Франција, но блокираше од други причини, а тоа беше методологијата за преговори. Се корегираше методологијата, објективни беа и веќе Франција понатаму не го блокираше процесот.

Сега Бугарија нѐ блокира затоа што сака буквално да ја начне нашата посебност како народ, нашиот јазик, нашата култура, нашите традиции и обичаи – нешто што во 21-ви век е сѐ само не европска вредност“, подвлече Мицкоски од Брисел, каде присуствуваше на парламентарното собрание на Европската Народна Партија.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

„Зоран Заев ветува дека сѐ ќе потпише, тука кога ќе дојде во Македонија вели дека тоа не е точно, но таму кога седи на маса заборава дека е премиер и дека постојат и белешки од тие разговори, кои потоа излегуваат во јавност. Она што можам да порачам е дека не само што има причина, туку јас не гледам ниту една причина зошто да остане на тоа место каде што е, односно премиер на Македонија. Така што не треба да гледа причина, треба веднаш да се повлече и да распишеме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на Заев денеска во Волково.

- Реклама -