Мицкоски: Не треба да се политизираат човечки судбини, но ние уште пред две години алармиравме за Онкологија

„Ковачевски е опериран од срам. Секогаш кога се случува трагедија или се појавува скандал тој излегува во јавноста со изјава од типот ‘јас не сум од тука’, ‘вознемирен и изненаден сум’, како да се работи за аналитичар, а не премиер на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата по повод изјавата на премиерот за фрапантниот скандал на Клиниката за онкологија.

„Неговата коалиција е 7 години на власт, а самиот тој две години е премиер. Во овој период се случија трагедии во кои настрадаа 75 граѓани, период во кој физиолошки раствор се давал наместо терапија и нема никаква одговорност. Сето ова е сведоштво на пациенти и граѓани кои поминале низ хорор и ги загубиле своите најблиски“, потенцираат од опозицијата.

„Наместо да релативизира и да расфрла пердуви, треба да прифати одговорност, затоа што тоа кое што се случувало во клиниката за Онкологија во голем дел се случувало во негово време, во време кога негови министри раководеле со секторот, и во време кога биле именувани во институцијата директори кои се резултат на неговиот коалициски пазар“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека „Европа и европски вредности се апстрактни именки за Ковачевски“ и дека ако оваа власт била Европа, веќе денес ќе биле депонирани оставки, вклучително и на премиерот.

Претходно и лидерот на партијата – Христијан Мицкоски, побара и кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици. Тој потенцираше дека од Владата треба веднаш да си дадат неотповиклива оставка и да се излезе на брзи парламентарни избори.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

„Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Сведоци сме на едно криминално-монструозно-мафијашко здружување на неколкумина медицински лица блиски до партиите на власт. Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои што умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост. Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото. На секој човек ова му предизвикува голема мачнина, но ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа Клиника“, изјави Мицкоски во одговор на прашање, кој денеска беше во посета на Виница.

Тој потенцираше дека Ковачевски треба да одговори зошто системот со кој што се следеле лековите не функционира.

„Кој е тој кој што наредил тој систем наместо да биде функционален, да биде ставен во подрум. Зошто оние кои што ќе платат добиваат соодветен медицински третман, а оние кои што за жал не можат да платат, оставени се на милост и немилост и во тешка болка и мака да умираат. Наскоро ќе ги добиеме тие одговори како идна влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Никогаш како човек не сум ги политизирал овие работи бидејќи станува збор за човечки судбини и мака која што семејствата ја доживуваат, но не можам да не ве потсетам за кампањи кои во минатото ги правеше СДСМ при што беа злоупотребувани човчеките судбини“, додаде Мицкоски.

- Реклама -