Мицкоски: Ќе собереме потписи за да го поништиме законот за попис

Попис треба да има, но тој треба да е статистичка, а не политичка операција, каква што се подготвува од страна на владејачкото мнозинство – бил заклучокот на вчерашната редовна седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која долго и опсежно се разговарало за ова прашање, соопшти денеска на прес-конференција лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

„Попис е потребно да има за да можеме благовремено, навремено да го планираме развојот на економијата, образованието, здравството, земјоделието итн. Затоа што не е сеедно да пресметувате БДП од 11 милијарди евра на политички консензуален договор на население од два милиони жители и резидентно реално население од 1.5, 1.6, 1.7 милиони жители. Зошто? Затоа што тоа директно влијае врз кредитниот рејтинг на државата, а кредитниот рејтинг на државата директно удира по џебот на граѓаните, бидејќи задолжувањето кое што понатаму граѓаните полнејќи го буџетот го враќаат може да биде значително поголемо доколку статистичката операција попис е практично политичка операција каква што планира да спроведе владејачкото мнозинство“, рече Мицкоски.

Според него, попис како статистичка операција се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус. Во овој случај тоа изостанало, тврди тој, бидејќи владејачкото мнозинство не прифатило ниту еден од 40-те амандмани поднесени од опозицијата во рамките на парламентарната комисиска расправа. Наместо тоа, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) бил благо укорен од претседавачот на Комисијата да не се меша, затоа што сѐ било веќе договорено, тврди Мицкоски.

Лидерот на најголемата опозициска партија повтори и дека ковид пандемијата е уште причина поради која треба да се одложи пописот, наведувајќи примери од други земји во светот, но и регионот:

„Ќе наведам неколку држави, многу поразвиени од Македонија, кои поради ковид пандемијата веќе го одложија пописот. Имено, Германија пописот планиран за 2021 година го одложи за мај 2022 година. Шкотска пописот планиран за 2021 година го одложи за март 2022 година. Ирска пописот планиран за 2021 година го одложи за април 2022 година.
Неколку примери од соседството: Романија пописот планиран во 2021 година поради КОВИД пандемијата го одложи за јуни 2022 година. Соседна Србија за октомври 2021 година, Бугарија исто така. А, во план е и Хрватска да го одложи пописот поради КОВИД пандемијата и се разбира ужасната несреќа, природна непогода која што се случи поради земјотресите во областа на градот Петриња, и така натаму. Да заклучам, станува збор за многу поразвиени држави од нашата, но и држави од соседството кои што поради неможноста да се спроведе оваа статистичка операција истата ја одложија за една година“, наведе Мицкоски, алудирајќи дека Македонија нема да биде единствена доколку го одложи пописот на една година, како што побара ВМРО-ДПМНЕ претходно.

На прес-конференцијата, Мицкоски упати неколку прашања до власта:

„Доколку оваа операција не е политичка, тогаш ВМРО-ДПМНЕ бара одговор на следниве прашања:

• Попишувањето е предвидено без покажување на било каков доказ и лична идентификација, да биде завршено со едноставно диктирање на матичниот број. Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без притоа да покаже соодветен доказ дека тие во моментов се резиденти односно се наоѓаат на територијата на Република Македонија?
• Понатаму, она кое што е важно да се напомене е фактот дека постои сѐ уште институтот, политички двоен потпис. Зошто е потребен политички двоен потпис ако навистина станува збор за статистичка операција и нека наведат уште неколку такви примери властодршците, каде се спроведува на овој начин попис?
• Понатаму, велат попишаните матични броеви ќе бидат вкрстени со базите на податоци. Со кои бази на податоци? До овој момент, ниту една база на податоци не и е позната на македонската јавност, која што ќе биде користена.
• Понатаму, ќе се спроведува попис според методологија која што сѐ уште официјално не е излезена во Службен весник, а денеска на дневен ред, во рамките на Парламентот се наоѓа Законот за попис, кој што претпоставувам ќе биде усвоен без претходно да биде позната методологијата по која што ќе се попишуваат граѓаните, и така натаму“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Покрај овие, има уште многу аргументи, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека истите ќе бидат презентирани/рефлектирани на собраниската говорница во рамки на парламентарната дебата во следниве три дена.

„А, зошто велиме три дена? Бидејќи повторно на сцената стапува дивеењето на владејачкото мнозинство и се злоупотребува европското знаменце, а се злоупотребува затоа што јасно е дека не е статистичка операција. Кријат, се плашат од јавна дебата“, рече тој.

Мицкоски уште еднаш го повтори барањето на ВМРО-ДПМНЕ за попишување со помош на терминали за отчитување на отпечаток од прст за резидентното население, нарекувајќи ги „небулози“ тезите дека набавка на такви терминали би биле дополнителен трошок.

„Согласно измените во Изборниот законик, кој што ги гласаа сите политички партии, вклучително и партиите кои што се денес дел од владејачкото мнозинство, на следните локални избори, предвидено е граѓаните, своето гласачко право да го изразат токму користејќи ги овие терминали, за читање на отисок на прст. Така што, истите тие терминали можат да бидат искористени и за оваа статистичка операција наречена попис. Имаме повторно лаги, спинови и извртување на вистината“, рече Мицкоски.

На крајот, тој го сумираше ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу пописот, утврден на вчерашната седница на Извршниот комитет:

„Веднаш, владејачкото мнозинство да го повлече Законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатре државна дебата на целата територија на Република Македонија. Да ги обедини сите политички чинители, сите општествени фактори, за да може да дојдеме до консензуално решение, како треба да изгледа оваа статистичка операција на попис.

Доколку тоа не се случи, после очигледната злоупотреба на европското знаменце, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе поднесе иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање на потписи за предлог закон кој што ќе биде доставен во Собранието, за поништување на овој закон кој што, по насилен пат, планира парламентарното мнозинство да го донесе“, најави Мицкоски.

Тој ги повика сите граѓани, без оглед на нивната политичка, етничка или верска припадност, да се приклучат на оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на Македонија ѝ е потребен, како што рече, попис кој што ќе даде одговор на статистичките дилеми, а не повторно „попис кој што ќе биде политички и попис кој што нема да даде одговор на прашањата кои што ја засегаат македонската јавност“.

„Повторувам, ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе отпочне иницијатива на собирање потписи во министерството за правда и како резултат на тоа собирање на потписи и таа иницијатива ќе доставиме предлог закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон кој што по насилен пат се подготвува владејачкото мнозинство да го донесе и за ова повикуваме на масовна мобилизација.

Доколку и покрај тоа и овој предлог закон одлучи владејачкото мнозинство да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници, десетици, би рекол стотици илјади македонски граѓани, тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае и идните раководители на институции кои што ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ резултатите од овој попис немаат намера да ги почитуваат.

Затоа апелираме на разум, апелираме на државотворност и апелираме на консензус, општествен и политички, пред било што да се дрзнат да направат од владејачкото мнозинство“, порача Мицкоски.

- Реклама -