Мицкоски: Ќе поддржиме Бугари во Уставот само ако Бугарија даде писмени гаранции дека нема да ја блокира Македонија сѐ до влезот во ЕУ

„ВМРО-ДПМНЕ нема никаква официјална информација од страна на надлежните за тоа за што се преговара. И многу е чудно кога зборуваат за уцени, а тие всушност го држат во заложништво и го уценуваат целиот македонски народ бидејќи преговараат за неговиот идентитет, а најголемата политичка партија не знае за што се преговара. Практично ги има заробено институциите“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во гостување во дневникот на ТВ Сител.

Според него, постојат три подваријанти на можното „решение“ со Бугарија, а заедничко е што во секоја од нив преговорите со ЕУ повторно нема да започнат:

Првата подваријанта е официјалната Софија во јуни на Европскиот совет да го тргне ветото и да се одржи првата меѓувладина конференција, но да не почнат преговорите сѐ додека дел од бугарскиот народ не влезе во Преамбулата на македонскиот Устав.

Втората подваријанта е исто така Софија официјално да го тргне ветото, меѓутоа барањето од бугарската Декларација од 2-ри ноември 2019-та година да биде дел од преговарачката рамка, објасни Мицкоски, истакнувајќи дека сепак се надева дека голем број земји членки нема да го дозволат тоа, бидејќи не сакаат и не треба билатерални прашања да бидат дел од преговарачката рамка.

Прочитајте и:  МНР: Коридорот 8 е од стратешко значење, но важна е и подготвеност за соработка на Бугарија

Третата подваријанта, според Мицкоски, е воопшто да не се тргне ветото.

„Што е заедничко во овие три сценарија? Заедничко е дека нема да почнат преговорите. Туку преговорите можат да почнат само во услов кој што ќе биде дел од преговарачката рамка наметнат од Софија. Е сега доаѓам до одговорот, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ може да поддржи да дел од бугарскиот народ биде во Преамбулата само под еден услов – да добиеме гаранции кои што ќе ги изгласа бугарскиот Парламент, а со кои што јасно ќе стави до знаење дека со вклучувањето на дел од бугарскиот народ во Преамбулата на Уставот завршуваат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија. И од тој момент натаму никогаш повеќе до самиот влез на Македонија во рамките на ЕУ тие нема да ја блокираат“, рече Мицкоски, потенцирајќи дека зборува за писмени гаранции.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде и дека треба да се каже стоп за двојните стандарди за Македонија.

- Реклама -