Мицкоски: Ќе испратиме допис до сите институции на ЕУ и амбасадите на земјите членки за злоупотребата на европското знаменце

ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце при носење на законските измени за коридорите, соопшти денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, при денешната посета на општина Велес.

Мицкоски вели дека чека реакција од страна на канцеларијата на Европската комисија во државава и очекува реакција на амбасадорите кои што се земји членки на ЕУ.

„До овој момент нема никаква реакција. Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот е на брза трака, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата“, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

Тој додаде дека во државава како земја кандидат на отворена сцена се кршат европските вредности.

„Наше е да ги предупредиме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се бориме против цела Европа и европска комисија, не можеме да се бориме против криминална власт и политичари кои што се дел од оваа коалиција на СДСМ поддржана од помалиот партнер ДУИ, но треба да направиме сѐ што е во наша моќ за да укажеме на јасното кршење на законите, уставот и процедурите во Македонија и да упатиме со јасни факти на криминалниот карактер на овој тендер кој што има за цел да отпочне со изработка на делови од коридорите 8 и 10Д. Проект кој што започна со трошење на неколку стотици милиони евра народни пари за пенали и аванси а гледате вие дека ниту лопата е фрлена, ниту пак шајка е закована“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Одговарајќи на новинарско прашање, тој нагласи дека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ треба да си поднесе оставка, затоа што, според него, тој јавно признава дека поддржува кршење на процедурите заради „криминалниот потфат на ДУИ и СДС“.

„После таа изјава, треба тој човек веднаш да си поднесе оставка и да замине, бидејќи не е достоен за таа позиција која што ја обавува во овој момент и парите кои што ги троши на граѓаните, односно даночните обврзници во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека Маричиќ е поставен на таа функција за да ги почитува закони и процедурите, но го прави обратното, за што еден ден, ден кој, како што рече Мицкоски, е сѐ поблиску, ќе одговара.

Маричиќ покажал, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дека проектот за изградба на коридорите не е ништо друго освен еден голем криминален епски потфат на оваа влада и дека тој, иако е вицепремиер за европски прашања односно евроинтеграција, е соучесник во тој криминал.

„Се потврдува тезата дека тие го користат или, да бидам попрецизен, го злоупотребуваат името на Европската Унија само кога треба да крадат. Кога треба нешто да се сработи и да се почитуваат законите, можам да кажам дека тие ни од далеку не се достојни на европските вредности и на тоа што треба да значи Европа за граѓаните во Македонија“, додаде Мицкоски.

Отвореното признавање дека се кршат процедурите и законите, повтори тој, подразбира и дека ќе се сноси одговорност за тоа.

- Реклама -