Митрески: Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум е спротивна на Уставот

СДСМ ја поддржува одлуката на претседателот на Собранието – Талат Џафери, да ја одбие иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум поради тоа што, како што велат од партијата, истата е неуставна бидејќи, тврдат, согласно Уставот меѓународен договор не може да се поништи со закон. Договорот може да го раскине само тој што го потпишал, во случајот Владата, а тоа да ја извести другата страна. Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и формира Влада, тогаш може да го раскине Договорот, порача на прес-конференција координаторот на СДСМ и Коалицијата – Јован Митрески.

Оваа иницијатива, оцени тој, е само обид на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, заедно со тесното партиско раководство, да се затскријат зад народот и да ги спасат своите фотелји во партијата.

„По сите консултации со експерти што ги имавме изминатиот период ние тврдиме дека ова не е уставно. Ние во минатото во 2018 година сме изгласале Закон за ратификација за Договорот за добрососедство со Бугарија. Таков е законот кој сме го изгласале. Согласно член 118 од Уставот не може со закон да се поништи закон за ратификација на Меѓународен договор. Во членот 13 став 3 од Договорот стои дека тој што го потпишал, во случајот Владата, може да го раскине и за тоа да ја извести другата страна“, рече Митрески.
Тој повтори дека целта на иницијативата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не е да се раскине договорот, туку да се скријат зад народот.

„Затоа впрочем ова и го прави. Но оваа негова и игранка на тесното раководство граѓаните во ваква ситуација може да ги чини осум милиони евра. Ние тоа нема да го дозволиме“, рече Митрески.

Според него, очигледно е дека Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Устав и тоа, како што нагласи, само за да создава тензии, да го манипулира народот, свесен дека нема да успее.

„Иницијативата беше уште една измама на Мицкоски за спас на сопствената фотелја во Белиот дворец и бизнис интересите на една екипа во неговото опкружување“, истакна тој.

На новинарско прашање кои би биле следните потези на ВМРО-ДПМНЕ, Митрески рече дека не може да претпостави. Можеби, нагласи тој, имаат и други иницијативи, но, СДСМ нема да прифати ништо што е спротивно на Уставот на Република Северна Македонија.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

„Ако ме прашувате што е тоа што пак би правеле во следниот период можам да кажам дека само претпоставка. Но, сите во нашата држава знаат дека овој референдум нема да успее и не зацртан на ваков начин како што го поставиле Мицкоски со цел да успее. И тој самиот знае дека нема да успее и затоа впрочем сака спомнав и претходно дека сака да се сокрие зад граѓаните. Зошто да се сокрие зад граѓаните? Па еве да го поставам логичното прашање – нели кажува кога и да има избори ќе ја освои власта. Па според член 13 став 3 од Договорот како извршна власт може Договорот да го прекине и да ја извести другата страна. Но, тој сака да се скрие затоа што знае дека нема да успее и потоа да, на некој начин има алиби за правдање дека нема да го укине Договорот за добрососедство“, изјави Митрески.

Според него, Мицкоски едно зборува пред членовите на партијата, едно на протестите, друго на други места, и сѐ прави само за да ја заштити сопствената фотелја во „Белиот дворец“ и да го заштити сопственото место и групата околу него.

„Затоа реков дека оваа ВМРО-ДПМНЕ не е некогашно ВМРО-ДПМНЕ од деведесеттите години кога гласало државнички и стратешки одлуки за наше членство во ЕУ и НАТО. Ова е сосем спротивно од тоа што тогаш било“, рече Митрески.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ја одби иницијативата со образложение дека не е уставна и оти согласно Уставот не може меѓународен договор да се укинува со закон.

„Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“, му одговори Џафери на овластениот предлагач, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ на 9 септември ја достави иницијативата до Собранието за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Тогаш координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, информира дека ги собрале потребните потписи за поднесување на иницијативата.

Претходно, на 5 септември, Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ го усвои референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“.

Извор: МИА

- Реклама -