Министрите од ДУИ поднеле „оставки“ од функциите, но истите ќе станат ефективни, како што велат од партијата, откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.
„Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, соопшти лидерот на интегративците, Али Ахмети, на Фејсбук.
Ваквата одлука ја најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи и потпретседател на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени.
„Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени“, рече Османи на средбата со новинарите.
И вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби, во понеделникот на телевизиско гостување рече дека се подготвени да излезат од Владата во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени. Тој повтори дека ДУИ, доколку тоа е потребната цена за ВМРО-ДПМНЕ да се премисли, се подготвени не само да излезат од Владата, туку и да се откажат од прв премиер Албанец и од Пржинската Влада…
„Од сето тоа да се откажеме и да одиме или на предвремени избори веднаш по гласањето на уставните измени или да одиме на редовни избори. Ако им се седи во Влада уште една година, пет, шест месеци, 10 месеци колку има, нека си седат во Владата, само нека гласаат за уставните измени. ДУИ во истиот тој момент од изгласувањето на уставните амандмани, излегува од Владата и им овозможува да владеат без ништо од тоа што очекуваме до крајот на мандатот“, рече Груби во понеделникот за „Канал 5“ телевизија.
Извор: МИА