Милошоски: Ковачевски и Ахмети преговараа амнестија со Груевски со цел поделби во ВМРО-ДПМНЕ и уставни измени, кои нема да се случат

„Власта на чело со Ковачевски и Ахмети преговара амнестија за Груевски со цел тој да влијае на поделби во ВМРО-ДПМНЕ и евентуално да им помогне да се изгласаат уставните измени“, изјави денеска на прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски.

Измените во кривичниот законик не се случајни, истакна Милошоски, тие имаат двојна цел; Првата е да се амнестираат функционери од актуелната власт кои во изминативе години, како што рече, за жал ја ограбуваа државата, и второ – да се влијае на процесите кои се однесуваат на Груевски.

„Измените во Кривичниот законик ги договарале СДСМ, ДУИ и лица од помали политички партии кои сакаат поделби во опозицијата. Оваа констатација, намерно или случајно, јавно ја кажа и Али Ахмети во едно интервју.

Во изјавата на Ахмети беше потенцирано дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, ниту преговарало за измените во кривичниот законик, ниту се согласило, дека е против измените во кривичниот законик и исто така е против менувањето на уставот под бугарски диктат“, подвлече Милошоски.

Имено, како што беше пренесено во медиумите, во интервјуто на Ахмети за „360 Степени“, кога беше прашан за измените на Кривичениот законик и што доколку Груевски не помогне за двотретинското мнозинство за уставните измени, Ахмети одговори дека поранешниот премиер нема никаква врска со Кривичниот, па потенцираше дека „не мисли дека мотивот (за измените) е некој да се рехабилитира“, туку дека „главна причина е да се приближиме до стандардите на ЕУ, затоа што овој закон што го смениле припаѓал на законите на поранешна Југославија“. Тврдењата на албанската опозиција дека измените во Кривичниот законик се носат за Груевски да се врати, Ахмети ги оцени како политички ставови кои, како што рече, не се однесуваат на реформи во правосудството.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

„Сакајќи или несакајќи, со ова најистакнатиот експонент на власта направи јасна разлика помеѓу оние кои тргуваат со амнестија за да стигнат до уставни измени и своја правна заштита и ВМРО-ДПМНЕ кои ја слушаат волјата на народот и се против уставни измени и трговија со правосудниот систем за политички материјални цели“, констатираше Милошоски.

Целта на СДСМ и ДУИ со измените на КЗ, сумираше тој, им е да се амнестиираат двајца поранешни премиери, а од друга страна менуваат правосудни закони кои би создале лична корист и заштита на актуелните функционери на СДСМ и ДУИ.

„Споменатите преговарачи на амнестијата нема да застанат тука. Во моментов разговараат за нов закон за амнестија со кој би се спасиле од затвор лица блиски до власта, но имаат несогласувања кои дела да ги опфаќа тој закон за амнестија, во министерството за правда и владата има различни позиции.

Агендата на СДСМ и ДУИ во периодот кој следи е со две примарни политички цели. Едната цел е да се спасат функционерите и да има амнестии за тие кои краделе и ја залоупотребиле функцијата, а втората е да го искористат Груевски за фрагментација во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да си олеснат евентуално олеснување на уставните измени.

Ние им порачуваме и на СДСМ и на ДУИ и на нивните клиенти да не го потценуваат ВМРО-ДПМНЕ, да не го потценуваат народот. Партијата е обиденета, пратеничката група е сплотена и ВМРО-ДПМНЕ под ниеден услов нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, а овие политички пазарења со амнестии во Кривичниот законик нема да ги спасат од одговорност актуелните функционери доколку сметале дека ова им е некаков политички аванс“, порача Милошоски.

- Реклама -