„Еве, да повлечеме една аналогија; Кога станува збор за идентитетот и правото на сопствен идентитет, што би се случило кога Хрватска би го довела во прашање црногорскиот или бошњачкиот јазик. Тоа е наша соседна земја – Босна и Херцеговина, мнозински народ до вчера беа босански муслимани или само муслимани. Пред 20 години го прифативме нивното име бидејќи едноставно тешко можеш некому да го одрекнеш правото да се нарекува со одредено име и јазикот да го нарекува со одредено име. Па, за мене бошњачкиот јазик е најнормална работа. Што би се случило кога би го оспорувале? Погрешно и неморално е“, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски, која на негова покана е во посета на Загреб, прашан за односот на Бугарија кон Македонија и нејзиниот европски пат, но во контекст на португалската министерка за Европа, која македонскиот јазик го нарече „северномакедонски“ и „некогаш дел од бугарскиот“.
Според Милановиќ, изјавата на Закаријаш е резултат на незнаење и невнимателност.
„Црногорскиот јазик, исто така. Некој ќе каже ‘не постои’. Постои, станува збор за дел од идентитетот на една држава, на една заедница. Кога ќе почнете да влегувате во интимниот простор на една држава и деликатни прашања како право на име, право на јазик, тоа никогаш не завршува добро. Посебно ако мотивите се… нема да кажам дека се ниски, не мислам дека се ниски, туку дека се… опортунистички. А човекот како вид, еволуциски гледано, на Земјата е опортунистички вид. Се снаоѓал – не бил ни најбрз, ни најсилен, ни најтежок, ниту имал најдолги заби, но опстанал снаоѓајќи се.
Но тоа е далечна фаза во еволуцијата, ние сега живееме во цивилизирано општество, живееме во Европската унија која е заедница на нации, на посебности и идентитети. Не е еднозначна, не е една и нема да биде. И тоа го гледаме сѐ повеќе и повеќе. Од таа гледна точка, таа изјава од една министерка е пред сѐ резултат на незнаење и невнимателност. Јас не сакам да бидам невнимателен и со своите изјави да ѝ наштетам на Македонија. Тоа не е моја намера ниту моја желба, туку спротивното. Ова е потполно неважно прашање за португалската внатрешна политика. Ниту јас би коментирал за некои територијални спорови помеѓу Португалија и Шпанија. Тоа никој не го прави. Јас си ја дозволувам слободата до некоја основна темелна правда и правичност и слобода да кажам што мислам“, истакна хрватскиот претседател.
Во однос на Бугарија, тој истакна дека можеби нашата источна соседка ветото го користи за поткусурување со самата ЕУ, но исто така се осврна и на европските вредности, подвлекувајќи дека ЕУ е УНИЈА НА НАЦИИ и, како и за Хрватска, механизам на самозаштита, а не на империјализам.
„Проблемот на Бугарија, Хрватска и Романија во овој момент со Европската унија е Шенген. Доколку е тоа (блокадата) начин Бугарија да привлече внимание на себе за што побрзо да стане членка на Шенген – што според мене требаше да случи одамна, како и за Романија и Хрватска – тоа јас не го гледам како ефикасен начин и начин на перцепција. Сите три земји треба што побрзо да влезат во Шенген. Тоа е систем кој не се распадна, кој беше на голем тест и пак не се распадна.
Исто така, Европската унија е на нации, а не на променливи. Хрватите се нација, Македонците се нација… вие не станавте Северни Македонци, сѐ уште се нарекувате Македонци… Србите, Германците, Португалците… Португалија е најстарата држава во Европа… Поинакви сме, се разликуваме по јазикот, по верата, по многу нешта. Европската унија одамна не е и јас не ја гледам како на заедница на некои посебни униформни вредности, туку на некои сличности, на заеднички именители, па макар и на најмалиот заеднички именител. И колку побрзо тоа го сфатиме, толку побрзо ќе одиме напред. Доколку тоа не го сфатиме, ќе се враќаме наназад. Бидејќи Европската унија има свои граници до кои може да оди. Сигурно не може да оди преку лимитите на националните држави и националните суверености. Бидејќи и ние – Хрватска и Хрватите, не ја гледаме во еден империјален контекст, туку во самозаштитнички контекст. Нема да нѐ има доколку сите се стопиме и станеме едно“, заклучи Милановиќ.