Мијалков во Шутка, се огласи и Заев: Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата, кога има правда има и мир!

По изрекувањето на пресудата од вкупно 12 години затвор, поранешниот прв човек на УБК и првообвинет а сега и осуден во предметот на СЈО за прислушувањето – „Таргет-Тврдина“, полицијата прво го спроведе дома, а потоа во затворот во Шутка, откако Судот го прифати барањето на Обвинителството, до правосилноста на пресудата, куќниот притвор да му биде заменет со мерка ефективен, затворски притвор.

„Во конкретниот случај сметаме дека мерката куќен притвор не е доволна за обезбедување негово присуство, поради што предлагаме да му биде определена мерка ефективен притвор… Најнапред, во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР – како од надлежната полициска станица задолжена за спроведување на мерката куќен притвор, така и од Бирото за јавна безбедност – согласно кои МВР не поседува технички можности/опрема за 24-часовен видео и електронски надзор на почитување на мерката притвор, што е еден од сегментите на самото решение за мерката. Дополнително, од страна на Обвинителството, преку Еуропол, потврдени се податоците дека обвинетиот Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, каде има регистрирано и две возила на свое име. Особено предлагам да се цени и фактот кој и претходно бил истакнуван од Обвинителството; дека се работи за човек којшто е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, членовите на неговото семејство исто така поседуваат приватни бизниси и сето тоа му става на располагање можности, финансиски, пред сѐ, да истиот организира логистика и може да живее во бегство сосем комотно, за што до Судот доставуваме тековни состојби на компаниите каде што се јавува лично обвинетиот Сашо Мијалков како сопственик“, образложуваше обвинителката Ленче Ристовска. Како дополнителен аргумент, таа ги посочи и штетноста од последиците од кривичното дело, како бројот на оштетените и обемот на загрозувањето на јавното добро.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Во неколку секунди се покажа целото лицемерие на СДСМ, по историскиот грабеж на државата Заев и Филипче се журкаат во Дубаи

По одредувањето на мерката и спроведувањето до неговиот дом на „Водно“, попладнево Мијалков, со полициско комбе придружувано од полициски возила и од возило на обезбедувањето на Мијалков (само до кругот на затворот), тој беше спроведен во затворот во Шутка.

По ваквиот исход на „Таргет-Тврдина“, се огласи и премиерот Заев.

„Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир!

Правосудниот систем e независна власт и денес гледаме дека ги има сите околности да спроведува истрага без влијанија и да организира обвинителска и судска постапка во која важат само доказите и одредбите за фер и правично судење, за секој без исклучок.

Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните.

Времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери го оставаме во историјата“, порача тој.

- Реклама -