Селекторот на Србија, Синиша Михајловиќ категорично најавува дека со подмладена селекција ќе настапи во квалификациите за СП 2014 во Бразил во групата во која е заедно и со репрезентацијата на Македонија.
Михајловиќ впуштајќи се и во вербална расправија со српските медиуми најавува дека за престојните квалификации не му требаат Видиќ, Жигиќ, Пантелиќ или поранешниот фудбалер на Ливерпул, Јовановиќ.
„Реков дека сакам да го подмладам тимот, а постарите доколку се докажат на теренот во своите клубови тогаш ќе добијат шанса. Моментално не гледам дека ми се потребни“ – истакнува Михајловиќ при директно обраќање до српските медиуми.
„Ако вам ви се потребни искусни фудбалери, мене не ми се. Имам идеја од која не отстапувам. Ако треба да изгинам на селекторската функција, тогаш нека ’загинам’ со мое убедување. Приказната за Жигиќ, Пантелиќ, Јовановиќ… е ваша приказна, а не моја“ – вели Михајловиќ кој е свесен дека ја нема подршката од нацијата пред новите квалификации.
„Сите ние сме далеку повеќе ценети надвор отколку во својата земја. Но, знам дека навивачите ќе се вратат со постигнати добри резултати. Во секој случај треба веќе еднаш да станеме свесни дека не сме ние кој знае што во светот на фудбалот и дека веќе сите играат фудбал.
Поединци кај нас се учени само да критикуваат и ништо друго. И сега ме критикуваат некои, но знам дека тоа им е единствен начин преку моето име да направат реклама на себе, и ништо друго“ – вели селекторот на Србија.