
Премиерот Христијан Мицкоски на 2 ноември најави продлабочување на економската соработка со Германија, со фокус на нови инвестиции и повисок бруто-домашен производ.
Во рамките на посетата на Германија, Мицкоски и владината делегација одржале повеќе бизнис-средби во Бон, меѓу кои и со претставници на „Дојче Телеком“ и со Германската стопанска комора.
На средбата со раководството на „Дојче Телеком“ се разговарало за потенцијални дополнителни инвестиции во Македонија, не само во телекомуникацискиот сектор, туку и во здравството, паметната технологија и други индустрии. Според Мицкоски, со тоа би се зголемило присуството на компанијата во Македонија и во регионот.
На состаноците со Германската стопанска комора учествувале компании што веќе инвестираат во Македонија, како и фирми заинтересирани за вложувања во земјата. Разговорите биле насочени кон подобрување на нивните досегашни инвестиции и проширување на капацитетите.
На средбата со претставници на германски компании од Северна Рајна-Вестфалија се разговарало и за отворање нови, високоплатени работни места. Мицкоски ги претставил потенцијалите на македонскиот ИКТ-сектор, обновливите извори на енергија, здравството, јавната безбедност, инфраструктурата и дигиталната трансформација на индустријата.
Од Владата, како што пренесе премиерот, целта е Македонија да биде препознаена како доверлив партнер за долгорочни инвестиции, трансфер на технологии и развој на висококвалификуван кадар.
Во делегацијата се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ТИРЗ Гоце Димовски. Посетата на Германија продолжува на 3 ноември.



