Секој е подложен на стандардни безбедности процедури кога се користат комерцијални летови, па и јас како македонски премиер. Жалиме за последното случување од 2 август. Претседателката на Косово е добредојдена и јас ќе и бидам домаќин доколку патува од Скопје, рече премиерот Христијан Мицкоски во коментар на последните случувања со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
-Според информациите коишто ги добивме од официјалните лица на аеродромот ТАВ е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка како и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека тој дел јас не го користам, туку го користам делот како и сите граѓани. Но, тоа за нас предизвика навистина едно чувство со кое што жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово и лично следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да бидам и да ја пречекам како домаќин на аеродромот и заедно со мене додека не отпатува од Скопје бидеме заеднички, ја придружувам во времето кое што таа ќе го помине на Скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти, а посебно однос на поединци којшто е наш домашен проблем којшто ние дома ќе си го решаваме, рече Мицкоски во обраќањето на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти кој е во посета на земјава.
На новинарско прашање за тоа дали ќе побара одговорност од спикерот Африм Гаши и заканувањето со оружје од страна на припадници од неговото обезбедување кон полициски службеници на аеродромот, Мицкоски рече дека надлежните институции ќе го расветлат случајот и доколку биде констатирани пречекорувања на овластувањата ќе следи и одговорност за истите лица.
-Доколку институциите констатираат пречекорување или сторување кривично дело тогаш бидете сигурни дека истото лице ќе биде изведено пред лицето на правдата. Нема никој да биде над законот во оваа земја. Не постојат такви лица кои ќе бидат над законот додека сум јас премиер, рече Мицкоски.
Прашан дали може да се смета за расчистен инцидентот со косовската претседателка на скопскиот аеродром или тоа сепак ќе влијае на односите меѓу двете земји, Мицкоски подвелече дека самата денешна средба на која биле отворени и други прашања од заеднички интерес на двете држави, потврдува дека односите не само што не се нарушени туку тие ќе добијат нова димензија во позитивна насока во иднина.
-Разликата меѓу овој случај и претходните два случаи кои исто така се случиле на скопскиот аеродром тоа што сега има јавност. И тоа што сега има политичари кои се обидуваат да спечалат ситни политички поени и ќе се обидат и во иднина да влијаат негативно врз односите меѓу двете влади, но нема да успеат. Јас слушав изјави од типот дека се црвенееле некакви политичари, дека ова не требало да се случува. Но истите тие претстпостваувам се црвенеат од 2023 година, оти два вакви слични инциденти се случиле и на 16 степетемви и 9 октомври 2023 година, кога овие политичари кои сега се црвенета, тогаш беа дел од Владата. Само разликата е што сега имаме јавност, а тогаш немаше јавност. Оваа Влада е демократска и транспарента, рече Мицкоски и повтори дека жали за инцидентот и оти лично ќе и биде домаќин на Османи кога ќе патува од скопскиот аеродром.
Во рамки на денешната седба со Курти, Мицкоски потенцираше дека Скопје се залага за искрени добрососедски односи, а станало збор и за економската соработка и трговската размена.
-Како нова Влада нашата цел е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи на принципот на двонасочна улица. Исто така, ја истакнавме потребата од зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, нешто кое што е многу важно. Во овој момент според последните податоци коишто ги имаме од Државниот завод за статистика е дека размената од 2023 година е на ниво на половина милијарда евра и не гледам причина зошто со напорите на двете влади таа размена да биде уште поголема со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот којшто ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец којшто ќе ги поврзе Тетово и Призрен итн., приоритети коишто се многу важни, рече Мицкоски.