Мемоарите на еден шофер: Најиритантните учесници во сообраќајот

gundriveer

Драма-квин велосипедисти

Тие се секогаш во неповолна положба, бидејќи се движат на две тркала, а не на четири. Физичката ранливост им дава право да не го почитуваат законот и да сметаат дека по дифолт, сите возачи на автомобили се обидуваат да ги прегазат. Летаат на крилата на самодовербата дека ја заштитуваат природата и не се воздржуваат да гледаат лошо на возачите на автомобили, кои за разлика од нив, исфрлаат штетни гасови во атмосферата. Ако сте во автомобил и не запрете на пешачки премин за да му дадете предност на велосипедистот кој пешачкиот го минува на точак (а по закон треба да се симне од велосипедот) очекувајте врз вас вербално да се излее сета вода на реката Стикс (во грчката митологија, една од петте реки во царството на Хад – реката на омразата).

Пешаците – сообраќајци

Тие се карактеристични по својата дарежливост и сакаат благородно да ги пуштаат автомобилите да поминат пред нив. Ако застанете на пешачки премин, тие решаваат дека не сакаат да поминат баш тогаш во тој момент и великодушно ви прават гест со кој ве охрабруваат да продолжите. Нивниот сон најверојатно бил да станат сообраќајци, но злата судбина ги повлекла во својата безмилосна центрифуга и ги претворила во сметководители, адвокати, новинари, продавачи и касиери.

Нагло кочење на жолто светло

Овие возачи ги почитуваат правилата дури и кога ситуацијата може да доведе до верижен судар. Обично возат кон семафорите со брзина од околу 80 км/ч, но ако изненадувачки се запали жолто светло, тие ќе навалат на сопирачките со сета тежина, приморувајќи уште најмалку три автомобили зад нив да го направат истото. Ако овие одзади задоцнат со реакцијата и се случи верига од коли сплескани како на ражнич, автоматски тие позади се виновни за несреќата, бидејќи… се позади. Зашто освен во некои сексуални ситуации, тој што е позади секогаш на*бува.

Трепкачи

Трепкачот не е надворешен орган со улога на продолжен очен капак, со кој им намигнувате на убавите жени додека возите. Трепкачот е една мала рачка, која обично се наоѓа лево од возачот, во непосредна близина на воланот. Нејзиното благо притискање им сигнализира на останатите учесници дека овој возач се токми да сврти во одреден правец, па дури посочува и во кој. Трепкачот е итар изум на автопроизводителите, но последниве години некако излезе од мода, па напредните возачи одлучија дека неговата употреба предизвикува предвремена ќелавост и лузерско чувство. Па така, тие почнаа да ја бојкотираат неговата употреба, со што стануваат непредвидливи за другите учесници во сообраќајот. Многу веројатно е дека овие се од тие што читаат по магазини дека е кул да си мистериозен.

Суицидални моторџии

Овие, како и велосипедистите, возат на две тркала, па и тие бараат да бидат тинтрани поради поголемата ранливост. Дел од нив таквите барања ги упатуваат додека поминуваат крај некој автомобил со околу 240км/ч, со излижана задна гума од шлајфување на семафори, правејќи спирали меѓу автомобилите, возејќи на три ленти истовремено. Постојаната мантра на овие моторџии е дека не сакаат да умрат прерано и дека моторот прави да се чувствуваат живи, истовремено однесувајќи се како прераната смрт да е нивната најпосакувана цел. Тоа ги збунува останатите учесници во сообраќајот.

Пешаците што претрчуваат на пешачки

Не, не оние што трчаат кога се имаш улетано за да ги прегазиш. Во случајот станува збор за пешаците кои претрчуваат по пешачкиот како некаков невидлив ентитет зад нив да ги брка. Во суштина, ако престанат да трчаат ќе сфатат дека пешачкиот е место каде што можеш мирно да поминеш, а и дека нивното избезумено трчање создава нервоза и непријатност кај возачите.

Гласните

Обично најгласни се возачите на стари автомобили, кои многу сакаат да возат нови и спортски автомобили, но немаат пари таков да си купат. Тие не можат да го натераат возилото да качи повеќе од 100 км/ч, па за сметка на тоа бучат како цел еден тим на Формула 1, го притискаат гасот до даска и прават гумите да им шкрипат, така чувствувајќи се големи. Само што не се.

Агресивните сељаци

Веднаш ги познаваш по тоа што возат како серковци: ти се лепат до задниот браник, низ отворениот прозор им виси лактот на раката и летаат мрсни вулгарности и пцовки, а другата константно им е на свирката, чекајќи ја секоја прилика да ја стисне и по можност да ја заглави така стисната во воланот.  Во повеќето случаи се дојдени од некое поле што го наследиле од дедо им, па го продале и купиле Audi или BMW со цел за да го освојат големиот град. Да го освојат нема, ама дека ќе му ги скинат нервите, сосема е можно.

Нерешителен со очила

Научниците уште не знаат зошто, но возачите кои носат очила со диоптер се обично понерешителни и подезориентирани од тие кои носат леќи или имаат здрави очи. Овие првиве обично тешко одлучуваат во која лента да возат, каде да завртат, дали да застанат или да продолжат и слично. Со тоа создаваат впечаток дека не се свесни како и зошто се нашле во автомобилот и што е поентата на нивниот (животен) пат.

Цури со џип

Овие цури се скромно облечени, имаат дречлив кармин и налакирани нокти, имаат долги голи нозе и џип, ама во принцип тешко им оди возењето. Тие го нарекуваат џип, но брендот обично не е Jeep. Овие припаднички на сообраќајот демонстрираат своевидна индиферентност кон општите правила на возењето, бидејќи се занимаваат со поважни работи на своите смартфони, или пушат цигара. Добро е да се избегнуваат на патот, бидејќи нивните мажит по дифолт имаат посветено многу време на цврстите раце и напумпаните мускули.

Пензионери

Не е убаво човек да дискриминира, но убаво би било по одредена возраст, на пример 103 години, возачот да не може да си ја обнови возачката. Возраста не е порок, но оди во пакет со некои физиолошки проблеми како оштетен вид, намален слух, задоцнети реакции, неспособност за светкавично брзи одлуки, тресење на рацете и слично. Особено се опасни оние мангупите што мислат дека ако се стари имаат право да се заебаваат со сé што е помладо, па возат побрзо и од брзите и побесно и од бесните. Да, овие пензионери се наши родители и заслужуваат грижа и почит, ама не и посебна „лента на славните“ на Илинденска и Партизанска, каде што имаат доста прилики да направат гомнарии.

- Реклама -