Маркетингшките трикови на банките: Што е ефективна, а што номинална каматна стапка кај кредитите

кредит%20под%20залог[1]

Со цел нивната понуда да изгледа подобра во однос на понудата на конкуренцијата, банките, при промоција на своите кредити, користат одредени маркетингшки трикови – во прв план, ја истакнуваат вредноста на номиналната каматна стапка (НКС).

Таквите понуди изгледаат примамливо, но во исто време и збунувачки.

НКС е номинална каматна стапка т.е. основната камата која ја претставува цената на кредитот. Преку НКС е дефинирано колку морате да платите за услугата на позајмица. Прилично е едноставно и споредливо ако ја гледате самата позајмица. Меѓутоа, пазарната борба за клиенти и развиените маркетинг методи ни донесоа прилично многу варијации на темата „кредитни производи“, па сега имате комбинирани кредити со тековни сметки, кредитна картичка, осигурување на кредитот и слично.

Чест услов за добивање кредит се и дополнителните активности, кои претставуваат и додатен трошок. На пример, извештај од кредитното биро, процена на недвижнини, осигурување на кредитот и друго. Токму тие додатни активности ја зголемуваат цената која на крајот ја плаќате. Така НКС ја губи смислата, бидејќи покрај основната цена на позајмицата, потребно е да платите и други попатни производи и трошоци.

Тука на сцената стапува ЕКС т.е. ефективната каматна стапка – која ја претставува обединетата цена на чинење на кредитот, со сите попатни трошоци. Во тој контекст, ЕКС станува споредлива помеѓу различните понуди на банките. Затоа, при побарување на кредит, барајте да ви ја кажат ефективната каматна стапка, и изберете ја понудата со најниска ЕКС.

Совет бонус: Претходно дефинирајте колкав износ ви треба и колку долго ќе го отплаќате, а потоа истото прашање поставете го во повеќе банки. Тоа можете да го направите лично, телефонски или преку и-мејл. Дополнително, ако имате подобра понуда од онаа што ви нудат, не пропуштајте да ја споменете. Ќе се изненадите кога на тоа ќе изреагираат со уште поповолна понуда.

- Реклама -