Основачот на Фејсбук (а којзнае, можеби во скора иднина и владетел на светот) откри дека Инстаграм ја поминал магичната бројка од пола милијарда корисници. Притоа, веројатно ненамерно, откри и нешто друго што привлече големо внимание.
По повод обележување на половината милијарда инстаграмџии, Закерберг објави фотографија на која ја држи препознатливата Инстаграм рамка. Меѓутоа, тие со поостро око забележаа детали кои на прв поглед не се така лесно забележливи – веб камерата на лаптопот му е прекриена со леплива трака, приклучниот џек за микрофонот – исто така (се чини дека има и на самиот микрофон), а како и-мејл клиент користи Thunderbird.
Јасно е како бел ден, Закерберг се чува од хакери како од ѓавол, и презема дополнителни чекори за да се заштити. The Verge потврдува дека Закерберг не сака да го прислушуваат со помош на микрофони и камери, а Gizmodo потврдува дека ова е вистинското работно биро на таткото на Фејсбук, бидејќи истото е прикажано и лани кога ја претставуваше Live Video опцијата.
Закерберг не е единствениот што го прави ова. Со исти финти се служи и директорот на FBI – Џејмс Комеј. Лани во април изјави дека ставил мала трака на својот лаптоп откако видел, цитираме: „некој попаметен од него“ што го прави истото.
Точно, јас и ти не сме Марк Закерберг и немаме милиони, а не сме ни шеф на FBI па да ја ризикуваме целата земја. Ама тоа не нé прави поимуни на хакерски напади, напротив.