Маринакис: Патот на Северна Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Договорот од Преспа

Патот на Северна Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Договорот од Преспа, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот брифинг со новинарите одржан во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање за ЕУ перспективата на земјава, за Договорот од Преспа и евентуална средба на двајцата премиери, Маринакис коментираше дека му е драго што го прашуваат и што има можност да одговори од Солун, повторувајќи ги позициите на актуелната грчка Влада.

Потсети дека како опозиција не гласаа за Договорот и дека тогаш Мицотакис „рече дека штом биде изгласан нема да може да се поништи“, уште еднаш повтори зошто Грција сè уште не ги има ратификувано меморандумите и посочи дека соседната земја треба да го стори она што се подразбира.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

-Почитувањето (на Договорот од Преспа) е неопходен предуслов на овој пат, за ова не се разговара, ниту пак ќе се промени нешто во оваа констатација и позиција, која е и нашата национална позиција. Размислете колку е оправдана грчката Влада и лично премиерот што не побрза, како што бараа други партии во грчкиот Парламент, да ги ратификува соодветните меморандуми, со што всушност ќе имаше дадено сѐ, пред нашите соседи да го имаат направено минималното. Очекуваме да го направат минималното и очигледното за да водиме која било друга дискусија, рече Маринакис.

- Реклама -