Маричиќ: Со помош на меѓународната заедница ќе се најде решение за уставните измени

Нема смисла одржување на референдум, нема смисла ниту повторно да има предвремени парламентарни избори, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, за бизнис магазинот „Капитал“.

Според него, нема поента да се отвораат овие прашања кога „преговорите со ЕУ се веќе започнати“, а Владата „добро менаџира со предизвиците предизвикани од војната во Украина“.

„Во оваа наредна фаза на скрининг процес, треба да се фокусираме на спроведување на реформската агенда, брзо напредување во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Билатералниот скрининг ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата. Тоа е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока“, оцени Маричиќ.

Тој е убеден дека ако се завршат уставните измени, земјава има шанса многу побрзо да напредува во процесот на европска интеграција, а промените во пракса ќе можат да се прават многу побрзо.

Прашан како власта планира да ги направи уставните измени, со оглед дека опозицијата сè уште стои цврсто на ставот дека нема да гласа за отворање на Уставот и згора на тоа бара предвремени избори, Маричиќ сепак оптимист дека напорите на Владата и парламентарното мнозинство да создадат, како што вели, поволна атмосфера за да дојде до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени „кои содржински за никого не се спорни“, ќе вродат со плод.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Тоа јавно го кажуваат, дури и оние партии кои сега се противат на Францускиот предлог, дека немаат против внесување на уште две, три или четири заедници во Уставот. Наместо предвремени избори, мислам дека е многу поважно и попаметно опозицијата да ги надмине партиските интереси, да вложи напори и да учествува и во уставните измени и во процесот на преговори, за на дело да покаже дека е за напредок на државата и за нејзина европска перспектива“, вели вицепремиерот.

Цел на Владата и парламентарното мнозинство, заклучува тој, е успешен процес на уставни измени, брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Северна Македонија да биде членка на Унијата.

„Убеден сум дека ќе се најде начин и решение, со помош на меѓународната заедница преку нивна поддршка и присуство во земјава, но и со помош на граѓаните. На крајот, одговорноста е и на секој пратеник, но и на сите политички партии кои се во Собранието. Нивна должност ќе биде да објаснат пред граѓаните зошто, после 17 години чекање, сега кога ги започнавме преговорите не сакаат да одиме понатаму во евроинтеграциите. Ќе биде навистина голем штета ако опозицијата ја стави државата во ќорсокак или ја врати во чекалната и да чекаме уште десет години“, вели Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -