Маричиќ: Граѓаните сакаат во ЕУ – никој друг не ни нуди фондови, сигурност, реформи и стандарди

Граѓаните сакаат сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност, а тоа е загарантирано токму со членството во ЕУ, кое ќе отвори нови можности и нови фондови, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, за бизнис магазинот „Капитал“.

„Граѓаните гледаат јасна перспектива во евроинтеграциите. Високата поддршка за ЕУ, НАТО и за Отворен Балкан е директен показател какви политики сакаат и бараат граѓаните. Сакаат мир, извесност, сигурност, отворени граници, соработка, сакаат фондови и подобра економија, подобри институции, реформи и држава по европски стандарди“, вели Маричиќ, додавајќи дека не постои друг пат подобар од европскиот.

„Ниту некој ни понудил, ниту пак некоја од оние мали но опасни антиевропски структури во земјава презентирале друга опција подобра од оваа“, рече вицепремиерот.

Тој потсетува и на фактот што Европската унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, па и кај нас.

„Од 2007 година до денес, преку ИПА програмата милијарда евра се вложени во државата и тоа се неповратни средства кои се вложени во инфраструктурата и во развојот. Сето тоа е вложување кое значи подготвување за членство во Унијата, кое ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови кога ќе станеме членка на Унијата“, вели главниот преговарач со ЕУ.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Според Маричиќ, важно и значајно е што во сите анкети сè уште е висок процентот на поддршка за членството во Унијата, и покрај, како што вели, „трнливиот пат кој го поминавме до отворањето на преговорите“. Ова е моментот, вели тој, каде што ние можеме да ги затвориме сите дилеми и да продолжиме понатаму со процесот на преговори со ЕУ.

„Овој пат нема да биде ниту Грција, ниту Франција со нова методологија, ниту пак Бугарија која ќе стави вето. Следното вето може да биде од ВМРО-ДПМНЕ, односно самите да се блокираме на европскиот пат“, тврди Маричиќ, додавајќи дека е убеден дека ако се завршат уставните измени, земјава има шанса многу побрзо да напредува во процесот на европска интеграција и ќе се овозможи да се прават промените во пракса многу побргу.

Извор: МИА

- Реклама -