Маричиќ: Не ни требаат ветувања, треба да сме задоволни од посетата на Борел

„Никој не очекува дека треба некој нешто да ни вети, но очекуваме во моментот кога ќе се завршат сите обврски околу реформите и кога ќе ги надминеме разликите со Бугарија, веднаш да се отворат преговорите“, изјави вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ, во врска со посетата на високиот претставник на ЕУ – Жосеп Борел, на Скопје минатата недела.

„Нам не ни треба никакво ветување, затоа што сме имале многу, а не се оствариле, и мислам дека јавноста не треба да се вознемирува во таа насока. Наш интерес е да ги почнеме преговорите и во моментот кога ќе ги завршиме сите разногласија со Бугарија очекуваме ЕУ веднаш, без одложување, да ги почне преговорите“, рече Маричиќ во денешното гостување во емисијата „Утрински брифинг“.

Алудирајќи на изјавата на Борел – дека „не може да ни вети датум за преговори, туку волја“ – вицепремиерот посочи дека секоја посета на висок претставник на ЕУ за нас е позитивна и добра вест, без разлика на негативниот одек во јавноста.

„Треба да сме задоволни од посетата на Борел, бидејќи таа посета беше во еден тежок момент. И треба да сме задоволни бидеќи нејзина цел, барем нам како што ни беше пренесено, беше ЕУ да покаже внимание кон државите од Западен Балкан и да се заблагодари, особено нам на Северна Македонија и на Албанија, за поддршката што ја дадовме за Украина со тоа што доброволно се приклучивме кон санкциите на ЕУ. И целта беше да се даде поддршка за тоа и да се даде поттик за продолжување на разговорите со Бугарија“, рече Маричиќ.

Коментирајќи ги односите со Софија, тој оцени дека ситуацијата сега е смирена.

„Односите со Бугарија се смирени, провокациите се сведени на минимум. Генерално не постои негативна комуникација помеѓу двете влади. Тоа значи дека новиот пристап даде резултати и дека успеавме да ја нормализираме комуникацијата таа да се одвива на повеќе нивоа“, рече Маричиќ.

Во врска со менаџирањето на економската криза предизвикана од војната во Украина, и дали се очекува помош на ЕУ во таа сфера, тој истакна дека Владата е во комуникација и со ЕК и со други меѓународни финансиски институции за тоа на кој начин најбрзо и најдобро да ѝ се помоне на земјава.

„Во последните два месеци вложуваме максимални напори со буџетско субвенционирање за ублажување на ценовните шокови, со цел граѓаните тоа да не го почувствуваат. Ние сето тоа го образложивме на ЕК и во разговори сме на кој начин и колку можат да помогнат. Од нивна страна постои подготвеност, тоа го кажа и високиот претставник Борел, меѓтуоа допрва следува на кој начин. И мислам ќе има поддршка за повеќе држави, не само за нас, бидејќи сите се опфатени од кризата“, заклучи Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -