Владата денеска донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на земјава во ЕУ. Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.
Институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата на која информираше за оваа одлука.
Тој истакна дека верува и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците, а најави и дека целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен.
Премиерот, меѓу другото, упати апел за општествен консензус за постигнување напредок кон ЕУ – за вклучување на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница, како и повик до опозицијата активно да учествува, да го поддржи и помогне процесот.
„Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна и јас сум силно убеден дека во следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји членки, да учествува во креирањето на политиките на ЕУ, секако, со заштита на нашите државни интереси“, рече Ковачевски.
„Нашата иднина е во ЕУ. За нас ова нема алтернатива и затоа потребно е сите заедно да дадеме поддршка да се вклучиме, да ја искористиме шансата која што е пред нас и со брзи чекори и самоуверено да одиме напред кон полноправно членство во ЕУ“, подвлече тој.
Ковачевски повтори дека верува во капацитетот на институциите и нивната подготвеност да дадат максимум во овој процес.
„Особено сум горд што дојдовме до моментот кога почнуваме да зборуваме за техничките елементи врзани со преговорите со ЕУ. На 19 јули, кога ги отпочнавме преговорите, свртевме нова страница во македонската историја. Покажавме дека знаеме да се однесуваме државнички и храбро, да носиме државнички одлуки, бидејќи така се трасира патот за понатамошен развој и на економски и на општествен план. Со одржувањето на првата меѓувладина конференција направивме историски исчекор во стратешка смисла. Ја повторивме нашата заложба за полноправно членство во Унијата и со тоа ги потврдивме европските вредности за коишто се залагаме. Преговорите официјално започнаа, а со тоа се наметна потребата што поскоро да се направи концепт за преговарачката структура согласно новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ“, рече премиерот на заедничката прес-конференција со вицепремиеротза европски прашања – Бојан Маричиќ.
Маричиќ, пак, објаснувајќи ја одлуката за воспоставување на структура за преговори за пристапување во ЕУ, посочи дека во 2019 година Владата донесе сет на мерки со кои се воспостави механизам, но се утврдила неопходност и потреба истиот да се промени од повеќе причини, особено што процесот на проширување е сменет, а критериумите за членство во Унијата се изоструваат, особено по усвојувањето на ревидираната методологија за пристапни преговори во 2020 година.
Маричиќ потенцираше и дека нема модел на искуство од земјите кои досега преговарале или сè уште преговараат, бидејќи оваа методологија првпат се става во функција.
„Новата методологија наметнува пополитички пристапни преговори на начин што целокупниот процес го подигнува на повисоко политичко ниво во сите фази на преговорите. Со денешната одлука се одлучуваме за нова структура што го поедноставува овој механизам и воедно ќе го направи хиерархиски пофункционален, поефикасен и поефективен. Се воспоставува главен преговарач, функција што ќе ја вршам јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. За хиерархиска консистентност, ќе има и заменик на главниот преговарач, таа функција ќе ја врши државниот секретар за европски прашања, Дрита Абдиу Халили“, информираше Маричиќ.
Појаснувајќи ја преговарачката структура, тој посочи дека покрај главен и заменик преговарач, истата содржи и Комитет за преговори претседаван од Владата и премиерот Димитар Ковачевски, четворицата вицепремиери, министерот за надворешни работи и министерот за финансии. Содржи и Државна делегација за преговори, на чело со министерот за надворешни работи Бујар Османи како шеф на делегацијата.
Во составот на преговарачката структура вклучена е и група за преговори составена од главен економист, главен правник и главен анти-корупционер. Формирани се и Работен комитет за европска интеграција и работни групи за пристапни преговори, како помошни тела поделени по кластери, три области и 33 поглавја. Истите ќе учествуваат во подготовка на анализи за степенот на усогласеност на националното законодавство со ЕУ и подготовка на нацрт-преговарачки позиции.
Како единствена точка за координација ќе биде Секретаријатот за европски прашања, со оглед на надлежностите што ги дава Законот. Во секоја работна група ќе има претставник-координатор од СЕП, надлежен за методолошките и процесни аспекти и координација со останатите тела.
„Заради важноста и улогата на Собранието, неговата одлука ќе се дефинира со меѓусебен договорен акт во кој ќе биде дадена и дефинирана улогата на опозицијата. Во наредните денови се планирани средби со претседателот на националниот совет за евроинтеграции за што подаваме рака и опозицијата да се вклучи во овој процес“, посочи Маричиќ.
Во однос на претседателот на државата, тој додаде дека дополнително ќе биде утврден механизам за начинот и динамиката за информирање на претседателот на државата за пристапните преговори.
Одлуката на структурата за преговори, како што рече вицепремиерот за европски прашања, предвидува и можност за претставниците од граѓанскиот сектор да учествуваат во работата на работните групи. Исто така, свое место во процесот ќе има и бизнис заедницата, како и академската заедница и локалната самоуправа.
„Целта што си ја зададовме е завршување на преговорите и членство во ЕУ до 2030 година. Нашата иднина е во Европската Унија и затоа потребно е, преку максимална посветеност и ангажираност да се вклучиме, да ја искористиме шансата што е пред нас и со брзи чекори и самоуверено да одиме напред кон полноправно членство во ЕУ. Следува динамичен период за сите нас, каде ќе имаме адресирање на бројни аспекти, бројни теми. Само ако сме искрени ќе имаме ефикасно спроведување на потребните реформи и подготвеност за следната фаза, а тоа е отворањето на кластерите и поглавјата“, заклучи Маричиќ.
Извор: МИА